Порака од Кина до САД поради обвинувањата за снабдување оружје на Русија: „Не прифаќаме присила“

„Кина активно промовира мировни преговори и политичко решавање на украинската криза. САД немаат право да покажуваат со прст кон односите меѓу Кина и Русија и ние не прифаќаме присила“

 Кина денес изјави дека Вашингтон „нема право“ да покажува со прст кон односите на Пекинг со Москва, откако САД ја обвинија Кина дека „размислува за испраќање смртоносна опрема“ во Русија за да помогне во нејзината војна против Украина, пренесува Анадолу.

„Кина активно промовира мировни преговори и политичко решавање на украинската криза. САД немаат право да покажуваат со прст кон односите меѓу Кина и Русија и ние не прифаќаме присила“, рече Мао Нинг, портпаролка на кинеското Министерство за надворешни работи.

„САД не само што продолжија да испраќаат смртоносно оружје на бојното поле во Украина, туку и продолжија да продаваат оружје на кинескиот регион Тајван, што ги прекршува трите заеднички коминикеа на Кина и САД. Што навистина сакаат САД?“, запрашала Мао, според кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“.

Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, вчера изјави дека Пекинг размислува да испрати смртоносна опрема во Русија.

„Уверени сме дека кинеското раководство размислува за обезбедување смртоносна опрема“, рече Барнс во интервјуто.

„Ние не гледаме дека е донесена конечна одлука. И не гледаме докази за вистинска испорака на смртоносна опрема“, рече Барнс, додавајќи дека е важно американскиот државен секретар Eнтони Блинкен и претседателот Џо Бајден „многу јасно да објаснат какви ќе бидат последиците и да го спречат тој потег, бидејќи би бил многу ризичен и немудар“.

Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, вчера исто така, рече дека многу ќе jа чини Кина обезбедувањето смртоносно оружје за Русија.

„Од наша перспектива, всушност, оваа војна наметнува реални компликации за Пекинг. И Пекинг ќе мора да донесе свои одлуки за тоа како ќе продолжи, дали ќе обезбеди воена помош“, рече Саливан во ТВ-интервју.

„Но, ако оди по тој пат, тоа ќе ја чини Кина. И мислам дека кинеските лидери го одмеруваат тоа додека ги носат своите одлуки“, додаде тој.

Во врска со американските санкции против кинеските компании обвинети за „поддршка на Русија“, Мао рече: „Ќе преземеме цврсти контрамерки и цврсто ќе го заштитиме интересот на кинеските компании.“

Мао ги повика САД да престанат да „шират дезинформации“ и да ги укинат санкциите.