– Руската служба за безбедност го обвини приведениот поранешен вработен во американската Амбасада во таа земја за шпионажа, објавија руските државни медиуми.
„Во текот на оперативните и истражните дејства, агенциите за спроведување на законот, со поддршка од ФСБ (Федералната служба за безбедност) на Русија, го приведоа Роберт Шонов во Владивосток“, изјави претставник на ФСБ за државната новинска агенција ТАСС.
Во веста се наведува дека по сослушувањето, Шонов е обвинет дека сторил кривично дело од член 275.1 од Кривичниот законик на Русија, а тоа е „соработка на доверлива основа со странска држава, меѓународна или странска организација“.
Се истакнува дека Шонов по обвиненијата бил префрлен во Москва и сместен во затворот „Лефортово“, а за делото за кое е обвинет му се заканувала затворска казна до осум години.
Датумот на судење сѐ уште не е одреден.
Американските официјални претставници сѐ уште не го коментираа извештајот.