Поранешен кинески министер осуден на смрт поради корупција

Поранешниот кинески министер за земјоделство Танг Ренџијан денес беше осуден на условна смртна казна за поткуп во суд во покраината Џилин.

Танг примил мито, вклучувајќи пари и средства во вредност од над 268 милиони јуани (37,6 милиони долари) на различни позиции што ги извршувал од 2007 до 2024 година, објави кинеската новинска агенција Синхуа.

Судот ја одложи неговата смртна казна за две години бидејќи тој ги призна своите злосторства.

Исклучен од Комунистичката партија

Комунистичката партија на Кина го исклучи Танг во ноември 2024 година, шест месеци откако тој беше ставен под истрага од страна на антикорупциска агенција, а потоа беше отстранет од функцијата.

Претседателот Си Џинпинг започна кампања за чистка во апаратот за внатрешна безбедност на Кина во 2020 година, со цел да се осигури дека полицијата, обвинителите и судиите се „апсолутно лојални, апсолутно чисти и апсолутно доверливи“, објави Ројтерс.

Танг беше гувернер на западната покраина Гансу од 2017 до 2020 година, пред да биде назначен за министер за земјоделство.

Во јануари, Си изјави дека корупцијата е најголемата закана за Комунистичката партија на Кина и дека таа продолжува да расте.