Поранешниот потпретседател на САД, Ден Квејл, кој беше во администрацијата на Џорџ В. Буш од 1989 до 1993 година, изјави дека не разбира зошто сегашниот американски претседател не врши никаков притисок врз рускиот лидер Владимир Путин, за кого вели дека „нема желба“ да ја заврши војната во Украина.
Денес, Квејл го води глобалниот инвестициски фонд „Церберус“ и отворено го критикува пристапот на Трамп кон војната во Украина, пишува cnbc .
„Не ја разбирам наклонетоста на Трамп кон Путин. Ако си „договарач“, ако си заинтересиран за договори, тогаш мора да имаш алатка за притисок. Која алатка за притисок ја користи Трамп врз Путин? Никаква. Апсолутно никаква“, рече тој, додавајќи дека „Путин не сака војната да заврши, тој сака да ја распарчи Украина“.
„Не се ближиме кон крајот“, рече Квејл, додавајќи дека Путин нема да запре сè додека целосно не ја „скрши“ Украина. Иако смета дека рускиот претседател не го постигнал она што го сакал на бојното поле, тој е убеден дека бил успешен во односот со Трамп. „Путин и неговите луѓе од КГБ многу добро знаат каде се слабостите на Трамп и како да се справат со него.“
Квејл тврди дека подготвеноста на Трамп да води разговори без никакви предуслови е директно спротивна на интересите на американските сојузници во Европа.
Трамп минатиот викенд, на својата мрежа Truth Social, изјави дека се надева дека денот на разговорите со украинските и руските лидери „ќе биде продуктивен и ќе доведе до прекин на огнот“, но досега немало конкретен потег.
Квејл смета дека Трамп би можел да го принуди Путин да седне на разговори ако ги замрзне руските средства во швајцарските банки и ги насочи кон Украина, ги снабдува Украинците со дополнително оружје и воведува секундарни санкции врз Русија.
Квејл заклучи дека Трамп би можел да плати политичка цена ако му ја предаде Украина на Путин.
„Тој вели дека ова е „Бајденовата војна“, но сега е претседател. Ако дозволи Украина да падне, последиците ќе бидат сериозни“, рече Квејл.
„И кога зборуваме за ризикот од Трета светска војна, најголемиот ризик е да ѝ дозволиме на Русија да ја земе Украина, потоа Полска, па Балканот. Тогаш светот навистина ќе зборува за светска војна“, заклучи тој.