Трас изјави дека за брзиот распад на нејзината влада не е виновна таа, и дека и понатаму верува дека нејзината политика за намалување на даноците била исправна.
Поранешната британска премиерка Лиз Трас денес го обвини „моќниот економски естаблишмент“ и делови од владејачката Конзервативна партија за поткопување на нејзиниот премиерски мандат.
Трас во напис за „Сандеј телеграф“ изјави дека за брзиот распад на нејзината влада не е виновна таа, и дека и понатаму верува дека нејзината политика за намалување на даноците била исправна.
Британската премиерка со најкраток стаж поднесе оставка во октомври минатата година, шест недели откако нејзиниот инаугурален буџетски план предизвика хаос на пазарот.
Прекинувајќи го молкот по оставката, Трас рече дека го потценила отпорот со кој ќе се соочи нејзината политика на слободен пазар од страна на „системот“.
„Не тврдам дека воопшто не сум виновна за она што се случи, но не добив вистинска можност да ја спроведам мојата политика на дело, а во тоа ме спречи многу моќниот економски естаблишмент, како и недостатокот на политичка поддршка“, напиша поранешната премиерка.
Трас ја презеде функцијата во септември минатата година, откако победи на внатрепартиските избори за лидерската позиција на Конзервативната партија, по оставката на Борис Џонсон. Нејзиното ветување дека ќе го поттикне економскиот раст со намалување на данокот ги воодушеви ториевците, но септемврискиот мини буџет од 45 милијарди фунти нефинансирани даночни намалувања за богатите ги исплаши финансиските пазари и предизвика политичка и економска штета во Велика Британија.
Трас поднесе оставка по шест недели откако беше назначена за премиерка поради острите критики за нејзината економска политика и поради финансиската криза. Сето тоа предизвика недостаток на дисциплина и единство и во владејачката Конзервативна партија.