– Јанис Музалас, поранешен министер за миграции и азил во Владата на Сојузната радикална левица (SYRIZA) во Грција, изјави дека челичната ограда поставена на турско-грчката граница за спречување на барателите на азил не е долгорочно решение, туку дека само привремено ќе го забави преминувањето, известува Анадолу.
Одговарајќи на прашањата на студентите, Музалас рече дека барателите на азил во краток временски период ќе пронајдат други начини за премин, при што уште повеќе ќе се пренасочат кон грчките острови.
Тој истакна дека актуелниот грчки премиер Киријакос Мицотакис не можел да пронајде средства од Европа за изградба на челична ограда.
„Главно прашање не е оградата. Главно прашање е да се изработи политика за управување со прашањето за миграциите“, порача Музалас.
Овој поранешен ресорен министер на Грција смета дека оградата не може да го спречи преминувањето на границата.
„Моментално челични огради постојат во 65 земји и преминувањето на бегалците на никаков начин не може да се избегне. Напротив, премините се удвоија“, рече Музалас.