– Поранешниот економски советник на Кремљ Андреј Иларионов е прогласен за „странски агент“, соопшти руското Министерство за правда.
Додавањето лице на списокот на странски агенти значи дека руските власти внимателно ќе го следат и ќе бараат од него детални информации за неговите извори на приходи, неговите трошоци итн.
Иларионов, кој ја напушти функцијата во Кремљ во 2005 година и замина во САД, ја критикуваше руската инвазија на Украина. Тој ја опиша руската политика во последните години како „катастрофа“.
Министерството за правда соопшти дека Иларионов „ширел лажни информации“ за руските власти и нивните одлуки.
Во меѓувреме, германското обвинителство соопшти дека отворило истрага поради сомнежи дека можеби е отруен руски новинар кој живее во егзил во Германија, јави ДПА.
Портпаролот на берлинското обвинителство изјави дека истрагата започнала во мај, но засега нема осомничени.
Во тек е истрага и за наводното труење на уште двајца руски дисиденти кои се пожалиле на здравствени проблеми откако присуствувале на конференција во германската престолнина со други критичари на Кремљ. Прелиминарните податоци, сепак, ја исклучуваат можноста за труење, барем на територијата на Германија, прецизираше портпаролот.