,,Feance 24″ разговараше со Андреј Медведев, дезертер од руската група Вагнер, речиси два месеци откако побегна во Норвешка.
26-годишен руски поранешен платеник илегално влегол во земјата на 13 јануари во обид да побара азил таму. Говорејќи од Осло, Медведев објасни дека „бил сведок на многу работи“ додека се борел со групата Вагнер во Украина. Сепак, тој рече дека не може да елаборира за нив и дека ги чува овие информации за норвешките истражители. Медведев му се извини и на украинскиот народ.
Медведев, кој се бореше за паравоената група Вагнер во Украина меѓу јули и ноември 2022 година, побегна во Норвешка откако дезертираше. Тој изјави за ,,France24″ дека тоа го направил поради „методите“ и „наредбите“ на командантите на Вагнер. Според поранешниот платеник, мажите биле испратени да се борат во Украина како „топовско месо“.
Тој рече дека ризикувал да избега и покрај тоа што знаел дека дезертерите на Вагнер претрпеле „многу, многу тешки последици“, како што е егзекуцијата на еден од нив со чекан, грозоморна сцена што Вагнер ја снимил и објавил.
Поранешниот платеник рече дека бил сведок на многу работи во Украина, но призна дека не може да објасни. Тој негираше дека редовните борци на Вагнер извршиле злосторства врз цивили, но рече дека командантите на групата имаат од што да се срамат. Тој одби да даде повеќе детали за злосторствата, велејќи дека тие информации ги резервирал за норвешките истражители.
Запрашан за шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, Медведев рече дека го видел во центарот за обука, каде што ги бодри своите луѓе велејќи дека источниот украински град Бахмут бил речиси освоен.
Поранешниот платеник објасни дека тој самиот го изразил своето несогласување и дека потоа неколку дена бил затворен во контејнер.
Медведев го нарече Пригожин луд, велејќи дека шефот на Вагнер мисли дека може да прави што сака.
„Кога целата оваа приказна ќе заврши, мислам дека неговите ќе го убијат“, предвиде тој.
Сепак, тој додаде дека Пригожин продолжува да го слуша рускиот претседател Владимир Путин, инаку повеќе нема да биде таму. Медведев рече дека е изненаден од неодамнешните јавни изјави на Пригожин, кои вклучуваат осуда за недостатокот на логистичка поддршка и муниција.
Поранешниот платеник му се извини на украинскиот народ што бил дел од ова. Сепак, тој инсистираше на тоа дека луѓето во Русија, кои се жртви на провоената пропаганда, не треба да се мешаат со руските лидери кои одлучија за оваа војна.
Дезертерот се надева дека ќе добие азил во Норвешка. Тој рече дека ако биде вратен во Русија, ќе ја каже вистината и дека е подготвен да ја плати цената за тоа.