Поранешниот премиер и прв лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски му се извини на Марјан Ѓорчев поради тоа што лобирал Никола Груевски да стане негов наследник на лидерската позиција. Тоа предизвика реакција од Груевски, кој вели дека Георгиевски буквално го молел да ја преземе партијата, во време кога имала низок рејтинг. Веднаш возврати и Георгиевски, кој, пак, рече дека на тацна му ја оставил партијата на човек кој многу ја сакал власта. Што си порачаа еден на друг во однос на лидерската транзиција, причините за расколот, како и обидот за обединување на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-НП?
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски му се извини на некогашниот близок соработник Марјан Ѓорчев, бидејќи, како што рече Георгиевски, во битката меѓу Ѓорчев и Никола Груевски за нов партиски лидер во далечната 2003 година лобирал во корист на Груевски да стане негов наследник.
-Во 2003 година, кога јас се повлекував од ВМРО-ДПМНЕ, за што никој не ме натера, туку сам се повлеков за доброто на партијата…
Тогаш расположението беше за Марјан Ѓорчев многу повеќе отколку за Никола Груевски. И јас тогаш нели ја дадов оценката, сметав дека Груевски е човекот кој ќе победи на наредните избори и тука очигледно погодив.
Меѓутоа не знаеме како ќе одеше работата ако Ѓорчев станеше претседател, тоа е нешто што е хипотетично… Поентата ми беше дека јас лобирав за Груевски – рече Георгиевски.
Тој ова го изјави на дебата на ТВ 24 токму со поранешниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, пратеник, министер, градоначалник и амбасадор Ѓорчев, кој го прифати извинувањето од Георгиевски. Двајцата своевремено беа блиски соработници, но, како што посочија, на оваа телевизиска дебата се сретнуваат за првпат по речиси 2 децении.
СЕАНСИ НА УБЕДУВАЊЕ, НА МОМЕНТИ МОЛЕЊЕ
Но, ова телевизиско соочување и извинувањето на Георгиевски кон Ѓорчев предизвика реакција од Груевски, испровоциран од, како што напиша на Фејсбук, постојаното повторување на Георгиевски дека лобирал на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид во 2003 година тој да стане претседател на партијата. Притоа, Груевски потврдува дека тоа се случило и признава дека партиската база подобро го познавала Ѓорчев.
„Не само што Ѓорчев беше повозрасен и неколку години пред мене во структурите на партијата, на седниците на Извршниот комитет кога бевме на власт, кога Георгиевски како претседател ги задолжуваше сите со обврска да бидат надлежни координатори на цели региони со општински комитети, мене секогаш ме изостануваше па така мојот контакт со базата беше многу помал.
Еднаш еден присутен на седницата на ИК потсети дека само јас не сум добил задолжение за координатор на неколку ОК, на што Георгиевски одговори дека тоа е намерно така, бидејќи јас правам многу крупни и значајни реформи во земјата како министер за финасии и дека не сака да ме дефокусира од тоа“, наведува тој.
Воедно, Груевски додава дека никогаш не барал Георгиевски да лобира за него, ниту помислувал да биде кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, туку самиот Георгиевски му предложил, при што Груевски тврди дека првично одбил. Патем, вели дека му предложил на Георгиевски да си ја задржи функцијата и да продолжи да ја води партијата, а ако е уморен да се одмори некој месец.
„Му кажав дека се гледа дека СДСМ се слаби и без идеја и ништо нема да направат. Потоа, кога сфатив дека нема да се премисли, кажав дека не сум против кој и да е друг да биде новиот претседател, вклучително и Марјан Ѓорчев, иако со него за повеќе работи имавме различни видувања.
Следуваа секоја недела средби меѓу мене и Георгиевски на негов повик, кои беа еден вид сеанси на убедување од негова страна кон мене во правец на мое предомислување и прифаќање да бидам кандидат и негов наследник во партијата, со голем број аргументи поврзани со моите предности и со слабостите на другите потенцијални кандидати, во прв ред Марјан Ѓорчев…“, објаснува Груевски.
Тој посочува дека во тој период бил ангажиран на проект на УСАИД во Белград за зајакнување на капацитетите на Министерството за финасии на Србија, а оваа понуда дадена веднаш по поразот на изборите на 15-ти септември 2002 година ја прифатил по претходна консултација со Георгиевски. Понудата била за негов целосен престој во Белград.
„Средбите со Георгиевски ни беа еднаш неделно но долги, по 3-4 часа, и така шест недели една по друга. Тоа беше такво убедување, што на моменти личеше на молење да прифатам, од негова страна редејки многу аргументи про мене и контра други потенцијални кандидати и објаснувајќи дека ако не прифатам со било кој друг кандидат многу се мали шансите за успех, а уште со еден пораз партијата може неповратно да загуби многу.
Освен самиот тој, не знам дали организирано од него или спонтано, но сигурно со информација од него дека не сум прифатил, сеанси на убедување имав од поголем број партиски познати функционери и заеднички пријатели. Дел од нив ми доаѓаа дома и по цели часови ме убедуваа. А со дел се гледав на други локации по нивно барање. Темата беше една: мораш да прифатиш! Заради партијата, заради иднината на Македонија“, вели Груевски.
Постоеја повеќе причини зошто не прифаќав, продолжува тој, истакнувајќи дека, меѓу другото, сакал да се врати на економијата. Но, сведочи дека пред дел од луѓето со кои се состанувал кажал дека една од поважните причини заради одбивањето е што имал чувство дека по преземањето на власта од него ќе се очекува промена на името по грчки терк, а тој не бил подготвен да се согласи на крупни национални одстапки.
„Георгиевски ме повика и ме извести дека одлучил да се повлече и дека ми нуди јас да се кандидирам за претседател на партијата, а дека тоа тој ќе го поддржи. Како и да е, по 6 недели убедувања, долги разговори и анализи, аргументи и контрааргументи, континуирана настојчивост од страна на Георгиевски, во голема мера заради блискоста и довербата со Георгиевски во тоа време, јас прифатив да се кандидирам за претседател на партијата.
При ова треба да се знае дека јас тогаш Георгиевски го чувствував многу близок и имав неограничена доверба во него. Чувствував дека ако не прифатам дека тоа ќе биде еден вид предавство и кон него и кон партијата. Во смисла кога многумина страдаа заради политичкиот прогон, партијата беше многу падната, кога е тешко време, кога и на самиот Георгиевски му е тешко време, јас да не го преземам товарот ми стана неприфатливо“, вели Груевски.
ПРИЧИНИТЕ ЗА РАСКОЛОТ И „НОЖОТ ВО ГРБ“
Понатаму, како што пишува Груевски, тој тогаш на Георгиевски му поставил само еден услов – да не му се меша во промените што ќе ги направи во партијата од кадровски, организациски карактер, како и делумно во политиките. Според Груевски, Георгиевски целосно се согласил со тоа барање и плус се ставил на располагање да помогне кога тоа од него ќе биде побарано.
„Само 7-8 месеци подоцна почувствував поголемо мешање на Георгиевски во партијата. Беше поврзано со темата кандидат за претседател. Се уште бевме во многу добри односи со Георгиевски. Почувствував нефер однос од Георгиевски и во 2 наврати сосема пријателски и отворено во четири очи му го кажав тоа и му понудив доколку сака јас да се повлечам од функцијата претседател заради приватни причини и без да објаснувам на јавноста детали, а тој да се врати и да продолжи онака како што тој сака и смета дека е најдобро.
Му укажав дека нема да има лутење од моја страна, нема да има опструкции, нема да излезе во јавност зошто сум се повлекол и дека доколку сака и понатаму ќе му помагам од било каква улога што ќе ми ја додели. Тој не го прифати тоа. Но, продолжи со мешањето и опструкциите и сето тоа кулминираше на претседателските избори кога надвор од одлуката на раководството по своја лична проценка го повика членството на бојкот во вториот круг“, пишува Груевски.
Како што нагласува, тогаш дошло до раскол во партијата и сведочи дека на една средба меѓу нив двајца Георгиевски директно и недвосмислено побарал Груевски да се повлече од водството на партијата, бидејќи тој сакал да се врати. Но, неговиот одговори бил:
“Ме молеше да се нафатам на ова, и најмногу заради тебе се нафатив. Потоа кога почувствував дека сакаш да се вратиш во политиката, двапати на фер начин ти понудив тивко да се повлечам, а ти да се вратиш и не прифати. Сега ме доведе во ситуација на пораз и сакаш враќање. Јас да заминам со пораз и неуспех за кој ти придонесе, а ти да се вратиш како спасител. Тоа не е коректно што ми го направи”.
Бев многу револтиран и му кажав дека нема да поднесам оставка. „Ова е партија каде ти имаш големо влијание. Повели смени ме”. Искрено, мислев дека така и ќе заврши. Но бев гневен, разочаран од него, се чувствував изневерен, предаден, искористен и решив да заминам со борба. Како што во тој период употребив една метафора: „Се чувствував како со нож забиен во грб”. Останатото потоа е познато“, пишува Груевски.
Четири или пет месеци подоцна, во есента 2003 година Георгиевски со своите приврзаници формираше нова партија-ВМРО-Народна, и се пресели во нови простори. Но, набрзо се појавила потреба од средба меѓу двете страни, поради, како што вели Груевски, некои стари нерасчистени обврски кон државните органи од што сите можеле да имаат проблеми.
„Во штабот пристигнаа поранешниот секретар Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов. Зборувавме на службени теми, но тензијата и напнатоста висеше во воздухот во мојата канцеларија во стариот штаб. Во еден момент Михајловски не издржа и најде некој контекст за луто да ми каже: „Ајде не се прави будала, мислиш не знаеме дека ти беше договорен со претседателот да го замениш една година, малку да се одмори и да се смират странците кои беа против него, па потоа да се врати”.
Останав шокиран! Не можев да поверувам што слушам! А Војо звучеше луто но искрено, звучеше дека навистина верува во тоа. Му објаснив дека тоа е невистина и некако го привршуваме состанокот и со заминаа. Години подоцна, кога веќе бев премиер, го поканив Михајловски во мојата канцеларија во владата. Тој веќе беше одделен од Георгиевски и разочаран од него. Меѓу останатото го потсетив на тој момент и го прашав дали се сеќава и дали навистина така му било кажано. Тој го потврди тоа“, завршува Груевски.
ПРЕТЕРУВА СО ОПИСОТ, ОД СИТЕ НАЈТЕШКО СИ ЗАМИНА
Веднаш следуваше контрареакција на Георгиевски, кој рече дека хрониката на Груевски е „прилично точна“, но со „мали корекции“, особено во делот „тој сакал, ама јас не сум му давал да се занимава со партијата“. Според Георгиевски, политиката на Груевски да нема потреба да работи со партиските комитети и членови беше широко позната и коментирана.
„Сите од тоа време ја имаа искусено. Второ, да – јас го повикав да биде претседател. Претерува со описот на молење ама точно е дека се мислеше помеѓу советник на српската Влада и претседател на ВМРО. Затоа пак по 11 години власт од сите политичари најтешко си замина, значи не сум му понудил лоша работа.
Трето, описот што го дава не ја менува мојата теза дека Ѓорчев ќе победеше. Кога тој објави дека ќе се кандидира членството се сврте кон него токму поради претходно игнорантскиот однос на Груевски. Четврто, во мојата поддршка кон него без никакви услови господинот Груевски ниту сега ниту никогаш не ја виде мојата жртва за партијата, да се повлечам за да победи некој друг. Нека си направи споредба со неговото повлекување“, пишува Георгиевски.
Дополнително, тој смета дека од самиот опис на Груевски се гледа дека партијата му е дадена на тацна од него, како што очигледно тој сега на тацна му ја даде и на актуелниот лидер Христијан Мицкоски. Георгиевски вели дека неговиот судир со Груевски настанал кога тој решил да му направи цензус за претседател на Бранко Црвенковски.
„Во нашиот разговор веќе многу одамна спомна како мотив на неговиот однос спрема мене била изјавата тогаш на Арнаудов, а сега на Михајловски. Ниту на Ламбе ниту на Војо ниту на еден од оние кои ја формираа ВМРО-НП никогаш не и им дадов повод да мислат така. Инаку, главните основачи на ВМРО-НП беа луѓе кои во тоа време беа дистнцирани од новиот претседател наоѓајќи им разни маани, а после ги врати со најголеми привилегии.
Груевски заборава дека тогаш и во јавноста и пред него зборував дека на партијата и треба нов профил ослободен од национализам, економски профил, технократ. Во тоа време немаше ни трага од оној Груевски кој спроведува антиквизација, кој го прославува ослободувањето на стара Србија на Зебренјак, кој ќе ја постави најавторитарната власт во модерна Македонија“, заклучи Георгиевски.
И во однос на ова реагираше Груевски, кој, покрај останатото, се задржува на делот каде Георгиевски вели дека му била важна власта. Ако ми било толку важно да владејам, како што алудира Георгиевски дека најтешко сум заминал од власт, тогаш, како што вели Груевски, веднаш ќе ја прифател одлуката без одлагање.
„Задржувањето на власт 11 години е резултат на многу работа и огромни обврски, но и резултати од таа работа, проекти кои работев да ги дотуркам до крај, реформи, намалување на невработеноста преку нови инвестиции и други активности, чии краен исход беше издигнување на Македонија, многу повеќе задоволни граѓани отколку пред и после тоа, победа на избори и добивање нов мандат во неколку изборни циклуси.
Јас сум човек кој многу внимателно се нафаќам на одредени одговорности, но ако веќе ги преземам, тогаш тоа го правам со неверојатна одговорност, висока совест, темелно, продлабочено и без импровизации… Немав план за толку долго да останам во политиката. Одговорно си ги вршев обврските во владата, заради кои партијата политички многу профитираше, а Македонија имаше голем напредок“, пишува Груевски.
Тој вели дека Георгиевски не е искрен дека неговото повлекување било негова жртва, бидејќи и нему му говорел дека смета оти веќе не може да победи на избори, дека веќе не сака и не може да се занимава со комитети, одења на терен, решавање сечии проблеми, расправање со разни незадоволници или меѓусебно раскарани итн.
„Но, и дека не му е сеедно кому ќе ја остави партијата која ја градел. Дека не сака после него партијата да пропадне, напротив. Правеше компарации помеѓу мене и некои други можни претседатели на партијата, сѐ заедно поедноставено приказната беше: “Ниту ќе победам, ниту имам сили и желба да продолжам на оваа позиција. Ако ти не прифатиш со било кој друг партијата ќе оди надолу и ќе реди неуспеси кои можат и да ја уништат”.
Правеше компарации со начинот како постапувале римските императори кога одредувале наследници, понекогаш доколку немале многу способен син за наследник, дури и посвојување синови, за да не пропадне тоа што го граделе, алудирајќи на иднината на партијата после него. Георгиевски повикува да сум направел споредба со моето повлекување. За моето повлекување тој уште ништо не знае. Нека го поживее Господ, еден ден ќе дознае“, пишува Груевски.
ДОБИВ ТЕЖОК ТОВАР, БОЈКОТОТ НЕ Е ПОЛИТИКА
Во однос на тоа дека партијата му била дадена „на тацна“, тој вели дека партијата била тежок товар кој не го барал или посакувал, со многу проблеми и тогаш и во иднина, додека анкетата на ИРИ во тој момент беше со подршка од 8% за ВМРО-ДПМНЕ, а 31% за СДСМ. Тоа беше стартната позиција дадена на тацна, иако не ги потценувам капацитетите на партијата и нејзиниот силен бренд, дециден е Груевски.
„Јас не сакав да му правам цензус на Црвенковски, туку да го победам! Или ако се случи да загубам тоа да биде чесно без да создавам криза во државата. Државата е поважна од партијата. Никогаш не сум подржувал бојкот. Тоа не е политика. Политиката е натпревар, а не бојкот. На што ќе личи државата ако секоја партија ако губи или не е и сигурна победата прогласи бојкот?
Го прашав, а што потоа? Не мислиш ли дека на новите избори по два месеци може уште повеќе да загубиме како казна од народот кој гледа што правиме? Одговорот беше дека ако губиме пак ќе направиме бојкот и со тек на време таа криза ќе оди на конто на СДСМ, па така во еден момент тоа ќе дојде во наша полза. Благодарам на советите, но јас таква политика не сакам да водам“, вели Груевски.
Сепак, според него, ниту тоа не била причината за расколот, туку тоа се случило на седница на Извршниот комитет на која, како што и претходно бил редот, морал да приложи анализа за поразот на изборите која потоа требало да оди на Централниот комитет и да ги наведе и образложи причините. Во анализата имало наведени околу 16-17 причини.
„Не сакајќи да правам судири, повикот на почесниот претседател за бојкот на изборите спротивно на ставот на раководството го ставив „срамежливо“ на 13 место „изгубено“ помеѓу точките. Колку да се спомне. Секако на прво место беше масовниот фалсификат со полнење кутии во вториот круг. Но, реално на второ место требаше да биде непримерниот чекор на Георгиевски, кој од мене всушност бараше јас да ја носам одговорноста а тој да ги носи одлуките.
Тогаш повеќето членови на ИК кои подоцна заминаа во ВМРО-НП ја прекинаа седницата незадоволни што воопшто било спомнато макар и во една реченица името на Георгиевски и заминаа, а потоа со добиена инструкција од Георгиевски се вратија да бараат моја оставка. Така започна расколот. Не за цензусот, туку за спомнувањето на Георгиевски на маргините на анализата за поразот на изборите“, тврди Груевски.
На крајот, ако навистина водел авторитарна власт, како што го обвинува Георгиевски, Груевски го праша зошто тогаш се договориле ВМРО-НП да влезе во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, со план НП да се припои во ДПМНЕ, за набргу потоа Георгиевски и Арнаудов да го известат Груевски дека ги надгласале во Извршниот комитет на ВМРО-НП?