– Портпаролот на Штабот на КФОР, полковник Андреа Галиени, денеска изјави дека зад мирните српски демонстранти на северот на Косово се криеле криминални групи кои се обиделе да ги нападнат трупите на КФОP.
Полковникот Галиени на прес-конференцијата рече дека КФОР за да ја спречи ескалација на ситуацијата, откако новите претседатели во трите општини на северот на Косово се обидоа да влезат во нивните канцеларии на 29 мај, распоредил дополнителни трупи на северот.
„Беше јасно дека луѓето сакаат да демонстрираат и протестираат на мирен начин, но исто така беше јасно дека зад нив се кријат некои криминални групи кои само се обидуваа да ги нападнат трупите на КФОР. По овој голем протест, многу војници од италијанскиот и унгарскиот контингент беа повредени од камења, метали и експлозивни направи. На почетокот беа 11 од италијанскиот и 19 од унгарскиот контингент, додека утредента се појавија уште неколку со полесни повреди“, нагласи Галиени.
Портпаролот на КФОР рече дека должноста на Полицијата на Косово е да ги пронајде и фати тие криминални групи.
Понатаму истакна дека двете страни треба да сносат одговорност за акциите на северот на Косово, едната страна за носење одлуки без да се земе предвид нивото на безбедност, а другата за насилните акции видени меѓу демонстрантите.
Галиени рече дека косовските институции не ги координирале со КФОР акциите што ги презеле на северот, и дека одлуката на косовските институции градоначалниците со сила да ги внесат во своите канцеларии била еднострана.
Како што истакна, КФОР во моментов ја следи ситуацијата и е подготвен да реагира на секоја ескалација на ситуацијата.
Одговарајќи на прашањето во врска со турските војници кои пристигнаа како засилување на КФОР, полковникот Галиени рече дека баталјонот од 500 војници од Турцуја ќе остане на Косово сè додека е неопходно.
„Турскиот баталјон пристигна во Косово на 5 јуни. Во овие моменти тие се интегрираат и вежбаат со останатите припадници на КФОР. Тие ќе бидат стационирани овде за да ги поддржат другите припадници на КФОР во одржувањето на мирот и спречување ескалација. Постои можност да бидат сместени на северот на земјата, бидејќи сега северот е главниот фокус на КФОР за да обезбеди мирна ситуација“, нагласи Галиени.
Минатата недела во Звечан во судирот на српските демонстранти со меѓународните војници на НАТО во Косово, КФОР, повредени беа 30 војници. КФОР го презеде чувањето на општинските згради во три општини на северот на Косово, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, откако дојде до ескалација на ситуацијата кога новите градоначалници со помош на специјалните единици на Полицијата на Косово влегоа во општинските згради.