Португалија, исто така, одлучи да ја признае државата Палестина

Португалија им се придружи на Австралија, Канада, Франција и Обединетото Кралство во признавањето на палестинската држава.

Португалското Министерство за надворешни работи објави дека признавањето ќе се случи во недела. Тоа ќе се случи еден ден пред конференцијата на високо ниво за палестинската државност во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).

„Министерството за надворешни работи потврдува дека Португалија ќе ја признае Државата Палестина. Официјалната декларација за признавање ќе биде дадена во недела, на 21 септември, пред конференцијата на високо ниво следната недела“, се вели во соопштението на министерството на неговата официјална веб-страница.

Според португалскиот весник „Корејо да Мања“, десничарскиот премиер Луис Монтенегро се консултирал со претседателот и парламентот пред да ја донесе конечната одлука.

Ова го означува крајот на речиси 15-годишна дебата во парламентот на оваа западноевропска земја, објави „Кореио да Мања“, откако предлогот првпат го презентираше политичката партија „Левичарски блок“ во 2011 година, пишува „ Ројтерс“ .

Соопштението на Португалија доаѓа неколку дена откако значајната истрага на ОН покажа дека израелската војна во Газа претставува геноцид

Најмалку 65.141 луѓе се убиени, а 165.925 се повредени од почетокот на израелската офанзива во октомври 2023 година. Се верува дека илјадници други се уште се под урнатините.

Португалската влада првпат ја објави својата намера да ја признае Палестина како држава во јули, наведувајќи го „исклучително загрижувачкиот развој на конфликтот“, хуманитарната криза и повторените закани од Израел за анексија на палестинска земја.

Претходно во петокот, советник на францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Андора, Австралија, Белгија, Луксембург, Малта и Сан Марино планираат да ја признаат државата Палестина заедно со Франција на состанок на високо ниво што ќе се одржи заедно со Саудиска Арабија во Њујорк во понеделник.

Португалија беше меѓу 145-те земји кои во петокот гласаа за дозволување на палестинскиот претседател Махмуд Абас да се обрати пред Генералното собрание на ОН следната недела во Њујорк преку видео порака, откако САД му одбија виза.

Науру, Палау, Парагвај, како и Израел и САД беа петте земји што гласаа против, додека шест земји се воздржаа.

Израел и САД остро ги критикуваа земјите што се обидуваат да ја признаат Палестина, а американскиот државен секретар Марко Рубио ја опиша француската најава како „невнимателна одлука“ што „служи само на пропагандата на Хамас“.

Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрих, минатата година предупреди дека на окупираниот Западен Брег ќе биде основана нова нелегална израелска населба за секоја земја што ја признава Палестина.