Авионот „Боинг 737-800“ се обидел да слета околу 09:03 часот по локално време, откако, наводно, не му се отворила опремата за слетување.
Авионот се лизнал по пистата, а потоа удрил во ѕидот на аеродромот, се скршил на два дела и експлодирал, пишува Гардијан.
Од друга страна, локалниот телевизиски канал MBC емитуваше снимка на која се чини дека го прикажува инцидентот со птицата додека авионот се спушта.
Пожарникарите, исто така, се сомневаат дека ударот на птици и лошите временски услови се причина за несреќата , но точната причина е под истрага, изјави Ли Женг-хјун, началник на пожарникарската служба во Муан. Делот од опашката на авионот изгледа недопрен, но „обликот на остатокот од авионот е непрепознатлив“, додаде Ли.
Предупредување за удар на птица било испратено до авионот од контролната кула пред фаталната несреќа, соопшти Министерството за транспорт на Јужна Кореја, пренесува Би-Би-Си.
Еден патник наводно им испратил порака на роднините дека птица била заглавена во крилото на авионот пред падот, според News 1. Неговата последна порака, наводно, била:
„Дали да ги кажам моите последни зборови?“
Сведоците пријавиле дека слушнале силен удар пред авионот да удри во ѕидот.
Доколку се потврди бројот на загинатите, тоа би била најтешката катастрофа во јужнокорејската цивилна авијација и првиот голем инцидент со жртви во кој е вклучен евтин превозник.
На социјалните мрежи се појави страшна снимка од несреќата, на која се гледа како авионот со полна брзина удира во ѕид пред да експлодира.