Кралот Чарлс имал „тивок“ викенд и се подготвува за нормална работна недела по престојот во болница. Чарлс (76), кој откажа голем број ангажмани поради несакани ефекти од лекувањето на ракот, се повлече во својата селска куќа, Хајгроув.
Денес, помошниците од палатата велат дека кралот се подготвува за „нормална работна недела“. Сепак, некои состаноци се одложени пред државната посета на Италија следната недела.
Во среда, кралот ќе одржи
состаноци во
Бакингемската палата и ќе присуствува на редовен состанок со премиерот. Потоа, во четврток, точно една недела по неговата непланирана посета на клиника во Лондон, тој ќе се врати
на јавните обврски со ангажмани во Лондон и Виндзор, велат од палатата.
Тие ќе бидат домаќини и на тројца амбасадори на предавањето на акредитивните писма, а во петок со Камила ќе се подготват за четиридневно патување во Италија следната недела.
Сепак, „една или две“ средби беа поместени за да се „обезбеди соодветна рамнотежа“ пред државната посета.
Кралот повеќе од една година се лекува од рак. Тој ја посети болницата минатиот четврток поради несакани ефекти од лекувањето и мораше да ги откаже средбите со амбасадорите и ангажманот во Бирмингем.
Бакингемската палата објави соопштение: „По закажаниот и тековниот медицински третман за рак, кралот утринава доживеа привремени несакани ефекти кои бараа краток период на набљудување во болница. Затоа, попладневните ангажмани на неговото височество се одложени“.
Неговото височество сега се врати во Кларенс Хаус и, како мерка на претпазливост, постапувајќи по лекарски совет, утрешниот дневен распоред исто така ќе биде изменет. Неговото височество се извинува на секој што е вознемирен или разочаран поради ова.
Кралот неодамна беше во брза тридневна посета на Северна Ирска со Камила , а на почетокот на март беше домаќин на високи политички фигури меѓу кои Володимир Зеленски, Џастин Трудо и Марк Карни.
Чарлс, познат по тоа што е работохолик, наводно уживал во извршувањето на јавните и државните должности во последните месеци, сметајќи ги како многу корисни за неговата севкупна благосостојба.
Тој се надеваше дека оваа година ќе биде нов почеток за кралското семејство откако тие поминаа низ она што принцот од Велс го нарече „брутална“ 2024 година и веројатно „најтешката година во мојот живот“.
И кралот и принцезата од Велс се соочија со рак. Кејт сега е во ремисија и постепено се враќа на јавните обврски.