Жртвите на една од најтешките авионски несреќи во Јужна Кореја – вклучително и тригодишно дете кое се враќаше дома од одмор со своите родители и стана најмладата личност што загинала – се именувани за првпат.
Во неделата, авионот „Jeju Era“ се излизгал од пистата на аеродромот Муан, на околу 300 километри јужно од Сеул, а потоа удрил во бетонски ѕид и се запалил, откако неговата опрема за слетување очигледно откажала. Речиси сите 181 лице во авионот загинаа – спасени се само двајца членови на екипажот од запалениот „Боинг 737-800“.
Петмина од загинатите беа деца на возраст под 10 години, а најмладиот – тригодишно момче – беше снимен само неколку дена порано додека леташе со родителите во Тајланд на своето прво патување во странство на одмор. Таткото и мајката на момчето, Канг Ко и Џин Ли Сеон, споделија слики од нивното патување на „Инстаграм“ само неколку часа пред да се качат на кобниот лет за дома, пренесува „Дејли мејл“.
На една од сликите се гледа како малото момче возбудено гледа низ прозорецот на авионот додека летаат за Бангкок, додека на друга објава е прикажана фотографија од него со пасошот.
– Син ми првпат патува во странство со ноќен лет и првиот пасош се уште нема печат! – напиша Ко во објавата со сликата, која оттогаш е исполнета со бројни изрази на сочувство за семејството.
Јужнокорејските медиуми јавуваат дека Ко, кој работел во ПР-одделот на бејзбол тимот Киа тигри, го планирал патувањето за да го прослави Божиќ и победата на неговиот тим. Таткото на тригодишното дете редовно споделуваше семејни слики на Инстаграм, вклучително и одмори во Тајланд и посети на храм и зоолошка градина таму.
Меѓу жртвите имало и двајца тајландски државјани, од кои едниот е идентификуван како 22-годишната Сиритон Чау, чија мајка ја чекала на аеродромот. Нејзините роднини рекоа дека нејзиниот животен сон бил да замине во Јужна Кореја, каде што живее нејзината мајка, и да се вработи како стјуардеса.
– На аеродромот ја чекала нејзината мајка и најпрвин мислела дека дефектот во авионот е помал, но потоа видела видеа од тоа што се случило на социјалните мрежи. Таа е во шок и паника – изјавила тетката на Сиритона, Тирапат Чауе.
Претходно беа објавени последните пораки на патниците на кобниот лет, кои изгледа ја поткрепуваат теоријата дека авионот пред падот бил погоден од птица. Неименуваниот патник испратил порака до семејството неколку моменти пред трагедијата.
– Не можеме да слетаме бидејќи птицата е заглавена во крилото. Да ги кажам последните зборови? – напиша тој пред да биде прекината комуникацијата.
Предадени се само пет тела
Повеќе од 24 часа по трагедијата, властите соопштија дека идентификувале 141 од 179 жртви. Само пет тела им се предадени на семејствата, јави Би-Би-Си. Семејствата ги прашале службениците зошто се предадени само пет тела, на што полицаецот одговорил дека тие се единствените сочувани.
Службеникот им рече на толпата дека ќе има повеќе резултати во наредните денови. Некои семејства сè уште чекаат на аеродромот, а луѓето спиеле во шатори за итни случаи. Министерството за транспорт и другите надлежни органи во соопштението наведуваат дека „посмртните останки на сите 179 жртви се ставени во привремена мртовечница“.