Владејачката коалиција во Германија во понеделникот по долга борба постигна договор за стратегијата за изградба на гасни електрани кои ќе можат да користат и водород.
Владата на социјалдемократскиот канцелар (СПД) Олаф Шолц се најде на удар на енергетскиот сектор, кој бара побрзо усвојување на стратешките планови, особено по затворањето на последните нуклеарни централи во земјата минатата година.
Современите гасни термоелектрани ќе имаат помал климатски отпечаток и ќе бидат во функција само кога ќе има недостиг од електрична енергија од обновливи извори.
Премостувањето на дефицитот е еден од големите предизвици во плановите за трансформација на енергетскиот систем и елиминирање на CO2 од производството на електрична енергија. Владата најдоцна до лето треба да го донесе конечниот концепт.
Јаглерод диоксидот, кој придонесува за атмосферското затоплување, е еден од нуспроизводите од согорувањето на фосилните горива.
Германската влада планира до 2030 година да произведува 80 отсто од електричната енергија од обновливи извори. Тој удел сега е нешто повеќе од половина. Енергетските компании до сега бегаа од инвестиции, бидејќи не очекуваат нови, позелени електрани да бидат профитабилни.
Министерството за економија во понеделник објави тендер за изградба на најмногу четири електрани, по 2,5 гигавати. Субвенциите за овие електрани ќе се исплаќаат од посебен државен фонд за климатски и инфраструктурни проекти.
Извори од владејачката коалиција, која ги вклучува СПД на Солц и Зелените и либералната ФДП, велат дека трошоците во следните 20 години се проценуваат на околу 16 милијарди евра.
Договорот на владејачките партии го превидува годишниот план за наградување на компаниите кои во иднина ќе ги одржуваат електраните, а деталите ќе се разјаснат следното лето.
Владата, исто така, има намера да ја забрза процедурата за одобрување на проектот и планира да разговара за мерките со Европската комисија.
За време на преговорите во коалицијата, министерот за економија Роберт Хабек од Зелените бараше повисоки субвенции, а министерот за финансии Кристијан Линднер од ЛДП беше против големите трошоци и за поотворен пристап до алтернативните технологии во иднината.
Во производството на електрична енергија Германија се уште се потпира на јаглен, кој е особено штетен. Со затворањето на нуклеарните централи, Германија постепено се ослободува од зависноста од рускиот гас од почетокот на војната во Украина.
Германија со закон ја ограничи експлоатацијата на јаглен до 2038 година. Коалицијата на Шолц сака да го помести тој рок за осум години, а за тоа и требаат електрани на природен гас.