Велигденскиот пост започна, а многумина бараат здрав појадок кој ќе ги држи сити. Доколку барате здрав, вкусен и лесен појадок без трошка масло, оваа посна пита со домашна кора и сочен фил од печурки е вистинскиот избор! Иако подготовката трае малку повеќе време, секој залак ќе биде вреден за трудот. Сè е направено по ,,рецептот на баба” и гарантираме дека никој нема да забележи дека маслото недостасува.
Време на подготовка: 1 час и 45 минути – 2 часа
Состојки:
За кората:
✔ 2 чаши брашно
✔ 1/2 шолја топла вода (додавајте по потреба)
✔ прстофат сол
За фил:
✔ 250 гр печурки
✔ 1 помала главица кромид
✔ 250 мл мелен домат
✔ сол, бибер, суви зачини – по вкус
✔ оригано, копар – по вкус
✔ вода за премачкување на кората
Подготовка на домашни кори
Измешајте ги брашното и солта, па постепено додавајте вода додека не добиете мазно тесто. Месете го 5-10 минути, потоа покријте го со крпа и оставете го да отстои 30 минути.
После тоа, тестото поделете го на помали делови и расукајте тенки кори посипувајќи ги со брашно.
Печете ги корите во рерна на 200°C, 3-5 минути по парче, додека не поруменат. Внимавајте да не ги препечите!
Подготовка на филот
Кромидот и печурките ситно исечкајте ги.
На умерен оган пропржете ги искршените домати. Откако ќе се загрее, додадете ги кромидот и печурките, па варете додека филот не стане густ.
Зачинете по вкус и оставете да се излади.
Полнење и печење
Секоја кора премачкајте ја со вода измешана со домати и посипете со фил. Свиткајте ги внимателно.
Наредете ја питата на плех и печете на 200°C околу 30 минути, додека не порумени и не стане крцкава.
Веднаш штом ќе ја извадите од рерна, покријте ја со влажна крпа за да остане мека.
Добар апетит!