Во ЛЕТО, тешко е да се избере кое овошје и зеленчук да се купи. Понудата на маркетите и продавниците е богата и шарена, па не е чудно што многу луѓе се прашуваат што да купат ако сакаат да добијат најголема вредност за своите пари.
Неодамна бевме изненадени кога Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) објави дека најздравиот зеленчук е крес. Оваа салата доби совршени 100 од 100 поени, оставајќи ги зад себе кинеската зелка, блитвата, цвеклото и спанаќот.
Кога станува збор за овошјето, ЦДЦ вели дека најздрав е доматот. Ботанички гледано, доматите се сметаат за овошје и добија 20 на скалата на ЦДЦ, рангирајќи се веднаш над лимоните.
Доматите се преполни со антиоксиданси, за кои е познато дека помагаат во одбраната од слободните радикали кои предизвикуваат оксидативен стрес и може да играат улога во развојот на рак, дијабетес, срцеви заболувања и други хронични состојби.
Што ги прави доматите толку хранливи?
Категоризацијата на овошје и зеленчук на ЦДЦ се заснова на количеството од 17 хранливи материи во порција од 100 калории. Доматите се нискокалорично овошје, чиј хранлив профил е сличен на зеленчукот. Домат со тежина од 60 грама содржи само 12 калории и помалку од три грама јаглени хидрати. Богат е и со ликопен, кој на доматите им ја дава црвената боја.
„Конзумирањето домати и производи на база на домати може да помогне во заштитата на телото од рак и срцеви заболувања“, вели диететичарот Шери Бергер, повикувајќи се на студија објавена во 2021 година во списанието Food Chemistry. Тогаш беше откриено дека консумирањето домати и ликопен помага во спречување на коронарна артериска болест, рак на желудникот, рак на простата и цереброваскуларни болести.
Доматите се исто така богати со витамини А и Ц, а можете да ја зголемите апсорпцијата на ликопен со комбинирање на доматите со здрави масти, како што е маслиновото масло.
Кое друго овошје се смета за најздраво?
На листата на најздрави овошја се најдоа и лимони, портокали, јагоди, лимес и грејпфрут.