Потпретседателката на Филипини јавно се закани дека ќе организира убиство на претседателот

Потпретседателката на Филипини, Сара Дутерте денеска изјави дека нарачала убиство на претседателот Фердинанд Маркос помладиот, на неговата сопруга и на претседателот на Претставничкиот дом, доколку таа биде убиена.

Таа повеќе пати повтори дека заканата за убиство не е никаква шега.

Маркос помладиот и Дутерте на изборите во мај 2022 година извојува убедлива победа. Но, двајцата лидери и нивните сојузници наскоро се разидоа по клучните прашања, вклучувајќи го и нивниот пристап кон агресивните дејствија на Кина во споровите во Јужно Кинеско Море.

Во јуни, Дутерте поднесе оставка како министер за образование и стана лидерка на бунтот против Маркос.

Потпретседателката Дутерте, како и нејзиниот татко, поранешниот претседател Родриго Дутерте, стана гласен критичар на Маркос, неговата сопруга Лиза Аранета-Маркос и претседателот на Претставничкиот дом Мартин Ромуладес, сојузник на претседателот и неговиот братучед, обвинувајќи ги за корупција, неспособност и политички прогон на семејството Дутерте и нивните блиски поддржувачи.

Нејзините последни изјави беа поттикнати од одлуката на членовите на Претставничкиот дом да ја затворат шефицата на нејзиниот кабинет Зулеика Лопес. Таа е обвинета за попречување на истрагата на Конгресот за можна злоупотреба на буџетот од страна на потпретседателката – додека беше министерка.

На онлајн прес-конференција пред зори, Сара Дутерте со вулгарности го обвини Маркос дека е неспособен како претседател и дека е лажго, исто како и неговата сопруга и претседателот на Претставничкиот дом.

На прашањето дали е загрижена за нејзината безбедност, 46-годишната Дутерте навести дека постои план за нејзино убиство.

– Не грижете се за мојата безбедност бидејќи разговарав со некого. Реков „ако ме убијат, ќе ги убиеш ББМ (претседател), Лиза Аранета и Мартин Ромуладес. Тоа не е шега, не е шега – истакна Дутерте.

Потпретседателката е ќерка на претходникот на Маркос, Родриго Дутерте, во чија акција против дрога (водена од полицијата додека беше градоначалник, а подоцна и претседател), беа убиени илјадници малолетни обвинети. Меѓународниот кривичен суд истражува дали тоа претставувало злосторство против човештвото.

Извршниот секретар Лукас Берсамин ја проследи „активната закана“ против претседателот Фердинанд Маркос до елитната претседателска гарда за „итна соодветна акција“. Засега не е јасно какви дејствија ќе бидат преземени против потпретседателката.