Потсекретарката за јавна дипломатија и односи со јавноста во американскиот Стејт департмент, Елизабет Ален, вели дека САД го поддржуваат Преспанскиот договор со Грција и дека се разочарани што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не го користеше уставното име Македонија при инаугурацијата.
Потсекретарката Ален, која викендов беше во посета на Скопје, не сака да прејудицира што би се случило ако новата влада реши да не го почитува Преспанскиот договор.
-Се разбира, ние го поддржуваме Преспанскиот договор и бевме разочарани кога видовме дека претседателката не го користи целосното и формално име Македонија. Ќе следиме да видиме што прави владата.
Во постојан дијалог сме со владата која е во тек на формирање. И затоа, тука не би прејудицирала никакви последици, но, секако, би се надевале и охрабруваме лидерите на Македонија да придржуваат до меѓународните договори – рече Ален за СДК.
Претходно, и од Амбасадата на САД во земјава порачаа дека остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Македонија.