Кристофер Чоконе почина по битка со ракот.
Помладиот брат на пејачката и актерка Мадона, Кристофер Циконе, почина на 63-годишна возраст по битка со ракот, објавија денеска американските медиуми.
Двајцата тесно соработуваа за време на кариерата на Мадона, но во 2008 година дојде до конфликт откако Кристофер ја објави книгата „Живот со мојата сестра Мадона“ во која откри многу нејзини тајни, пренесува весникот „Сан“.
Кристофер работел како дизајнер и стилист, но и како режисер.
Двајцата пораснале заедно во Мичиген, а потоа тој се преселил со својата сестра во Њујорк, каде што започнал нејзиниот подем до слава.
Меѓутоа, кога Кристофер го напишал својот бестселер, дошло до влошување на нивната врска. Тој во книгата открил дека Мадона била девојка од средната класа која измислила приказна дека се нашла на Тајмс Сквер со само еден пар балетанки и 35 долари во џебот.
– Тоа беше само мит и колку повеќе таа напредуваше, толку помитолошка стануваше нејзината животна приказна – напишал братот на Мадона.
Тој во книгата ја опишал постарата сестра како некој што сака да командува, додавајќи дека и таа е расположена и злобна, но изјавил и дека е горд на неа.
Сепак, нивниот однос се подобри во 2012 година и Кристофер изјави за Evening Standard дека контактот со неговата сестра сега е добар.
Како и другите браќа на Мадона, Кристофер исто така се борел со алкохол и дрога, а неговата сестра дури и платила дел од неговото лекување.