– Денеска во дворот на манастирот „Света Марена“ во село Туминец, општина Пустец, со благослов на корчанскиот владика г. Јован, почна со изградба камбанарија, која му недостигаше на овој храм.
Во присуство на Македонци од Мала Преспа, камен-темелникот на камбанаријата го освети свештеник на корчанската митрополија.
Камбанаријата се гради со средства кои Македонци со потекло од Албанија и од цела РС Македонија ги собраа на донаторска вечер одржана во Торонто, Канада.
– Благодарност до нашите браќа и сестри во Канада, но и до сите кои донирале или ќе донираат за манастирот. Нека ги прати божјиот благослов и да им даде здравје и благосостојба. Нека камбаната бие само за убави нешта, објавија од Црковниот одбор.
Оттаму посебна благодарност искажуваат и до Васил Јанкула и сослужителите во манастирот кои се ангажирале за запознавање на јавноста за потребите на манастирот, како и контактите со Македонците во Канада.
На донаторската вечер, организирана од македонската црква „Света Недела“ во Канада, собрани беа 20 илјади канадски долари, но од таму најавуваат и други донации.
Лоциран е на 50-тина метри од брегот, локација која самата по себе дава дополнителна убавина и привлечност.
Во манастирот Света великомаченица Марина, Марена – Огнена Марија се чуваат поголем дел од моштите на светицата и тука сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти.
Датира од 18 век а обновен е 1926 година а сега и со помош на општината истиот се реставрира.
Секоја година на 30 јули, кога се слави патронот на манастирот преполно е од народ, верници доаѓаат од Мала Преспа, дијаспората, од Лерин, Охрид, Струга, Ресен, Прилеп.
Селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа, кое се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.