Почна имплементацијата на „One stop shop“ на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане

 Само со едно застанување на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане меѓу Северна Македонија и Албанија од денеска се вршат граничните формалности и царинските контроли во рамките на концептот „One stop shop“. На официјалното отпочнување на проектот присуствуваа премиерите на двете држави Димитар Ковачевски и Еди Рама, првиот вицепремиер Артан Груби и вицепремиерката на Албанија и министерка за инфраструктура, Белина Балуку, како и министри од двете влади, пратеници….

Воспоставениот едношалтерски систем за заеднички контроли на македонска и албанска страна, според премиерите на двете држави, ќе значи олеснување на трговијата транспортот и протокот на патници.

-Со ова се олеснува работата на 11 илјади компании од нашата држава, кои се ориентирани кон извоз и трговија со други држави. На овој начин означуваме полесен пристап до пристаништата и до туристичките места во Албанија, меѓутоа и до туристичките места во Северна Македонија. Најубавите се тука, токму на неколку километри од овој граничен премин, рече Ковачевски.

Тој уште еднаш го повтори ставот дека на Балканот не му требаат граници и оти соработката со Албанија и Србија е на исклучително високо ниво. Со отпочнување на иницијативата Отворен Балкан, нагласи, дека трговската размена со Албанија е зголемена за 40 отсто, додека со Србија за 50 проценти, што според него, е бенефит, и е од интерес и на граѓаните и на компаниите.

– Ние не застануваме тука. Она на што веќе се работи е комплетно нов Коридор 8 во двете држави. Тоа е нешто што во нарендите пет години ќе стане реалност. Ако карактериситка на инфраструктурата меѓу Северна Макеоднија и Алабанија беше дека не постоела, сега за пет години ќе имаме најдобра инфраструктура на Балканот. коридорот 8 успеавме да го ставиме на мапата на транс европските коридори и работиме на проекти за изградба на железничка пруга меѓу Северна Македонија и Албанија, односно од Кичево до Лин. Тоа ќе овозможи и реализација на она што веќе сме го договориле, а тоа е на пристаништето во Драч да има и суво пристаниште во Струга, што ќе има огромни позитивни ефекти врз компаниите во Македонија, истакна Ковачевски.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби во своето обраќање најави дека по денешниот успешен проект, Владата ќе продолжи со активности и на другите гранични премини.

– Нема ништо поубаво од отстранувањето на бариерите и границите меѓу нас, и ова го правиме заедно. Ова ме прави многу среќен. Овој граничен премин работи неколку дена, а ми пишуваат граѓани од нашите две земји, ми се јавуваат на телефон, од задоволство што меѓу нас нема граница, сега има само една контрола, а се надеваат дека наскоро и тие единечните контроли кои ги имаме меѓу нас, ќе ги отстраниме. Нема да застанеме тука. Сите наши граници мора да имаат „One-stop-shop”, како пред-акт до отстранување засекогаш на границите помеѓу нас, рече Груби.