Во Собранието почна надзорната расправа за аерозагадувањето што ја организира собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот. Претседателот на Комисијата, Димитар Апасиев, на почетокот на расправата рече дека неа ја побарале 20 пратеници на почетокот на годинава, повикувајќи се на правото на здрава животна средина кое е гарантирано во член 43 од Уставот и на ратификувани меѓународни конвенции.
На надзорната расправа ќе бидат сослушани овластени претставници и сведоци поделени во шест сесии – претставници од невладини организации, академската заедница, единиците на локалната самоуправа, јавни институции, владини претставници и од приватен сектор.
Апасиев соопшти дека владини претставници не се одѕвале на поканата да учествуваат на надзорната расправа, а дека покана добиле премиерот Христијан Мицкоски, министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити и министерката за енергетика Сања Божиновска.
Прв кого пратениците го сослушуваа на расправата е Бојан Трпевски од Здружението на млади правници, кој рече дека судската практика не предвидува заштита на човековите права и судовите не утврдуваат правна одговорност во областа на животната средина и затоа, рече тој, тоа е еден од предизвиците со кои се соочува државата.
Нивното здружение има две тужби во судовите во Скопје и Битола, против Влада и против Град Скопје, односно против МЖСПП и Општина Битола, како и поведени други постапки за загаден воздух и диви депонии и неправилно управување со отпад.
За жал, рече Трпевски, сите се отфрлени, а една е пред Судот во Стразбур. Тековно имаат пред Виш управен суд постапка по жалба.
Тој посочи дека има ад хох решенија за заштита на амбиентниот воздух, но нема стратешки документ.
– Нашето истражување од 2023 укажува на намалување на бројот на податоци за среднодневните концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички што укажува дека државните мониторинг мерки станици се соочуваат со проблеми во обезбедување континуирани податоци за концентрација на честичките, рече Трпевски.
Во однос на мерките од Владата за справување со аерозагадуваето, како што рече, воопшто не спорат дека мерки се преземаат, но дека е поважно да се согледаат ефектите и да се има стратешки пристап наместо ад хок мерки.
Според него, клучно е финансирањето за спроведување на законите во областа на животната средина и е нужно поголемо издвојување на средства од Буџетот.
– Она што сметаме дека е многу поважно прашање е кој е ефектот од тие мерки што ги презема не само оваа Влада туку и во подолг период, затоа што граничните вредности за концентрација на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички, кои се најпроблематични, во континуитет се надминуваат секоја годна над дозволеното ниво односно над 35 дена, согласно нашето законодавство, рече претставникот од Здружението на млади правници, одговарајќи на прашања на пратениците.