Почна средбата на Мешовитата историска комисија, прва со новиот состав на македонскиот тим

Во Министерството за надворешни работи почна средбата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија. Ова е прва средба на новиот состав на македонскиот тим со нивните колеги од бугарска страна.

Пред почетокот на средбата претседателот на бугарскиот дел од комисијата, Ангел Димитров на прашање од новинарите какви се неговите очекувања од средбата, изјави дека не може да каже ништо пред таа да се случи.

„Не ги познаваме новите членови на Комисијата. Претседателот го знаеме, но тоа не е доволно, Комисијата е составена од седум луѓе“, изјави Димитров.

Во средината на септември беше одложен состанокот на комисијата поради смена на македонскиот тим. Засега нема информации дали македонскиот тим ќе бара ревидирање на некои од веќе усвоените препораки на комисијата, односно отворање на веќе усогласените позиции меѓу двете страни, но и дали во таков случај би добила согласност од бугарската страна, со оглед дека за секоја одлука кој ја носи комисијата, потребен е консензус од двата тима.

Досега Мешовитата комисија усвои препораки за заедничко чествување на Светите браќа Кирил и Методиј, Свети Наум Охридски, Свети Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија.