ПОЧНУВА СУДСКИОТ ПРОЦЕС ПРОТИВ МИЛОРАД ДОДИК – Судот ги отфрли сите приговори на адвокатот – ќе заврши ли лидерот на босанските Срби во затвор !?

Судот на Босна и Херцеговина ги одби сите приговори на адвокатот на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, на потврденото обвинение на Обвинителството на Босна и Херцеговина, дознаваат тамошните медиуми.

Обвинителството на Босна и Херцеговина, потсетуваме, ги обвини Милорад Додик и Милош Лукиќ, вршител на должноста директор на службен весник на Република Српска, за непочитување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.

Но, адвокатите на Милорад Додик во своите приговори тврдат дека кривичното дело за кое беше обвинет Милорад Додик не постои, бидејќи, според нив Кристијан Шмит е незаконски избран на таа позиција.

Со отфрлање на сите приговори, сега почнува судскиот процес на Милорад Додик. Имено, прво ќе се закаже признавањето на вината, а потоа главниот претрес кој ќе го води судија поединец.

Претходно, два пати беа одбиени барањата на одбраната на Милорад Додик за изземање на судијката Јасмин Дедовиќ-Ќосиќ, која го потврди обвинението и сега ги отфрли приговорите.

Бидејќи, според кривичното дело, затворската казна е помала од пет години, на Милорад Додик ќе му суди судија поединец. Но, кој ќе биде, CMS ќе избере. Судијата ќе го избира автоматскиот систем за управување со предмети CMS, поточно системот „Random“.

Босна и ХерцеговинаМилорад ДодикполитикаРепублика Српска