Поштенските услуги низ цела Европа престанаа да испраќаат пакети до Соединетите Американски Држави (САД), наведувајќи ја широко распространетата неизвесност околу влијанието на новите тарифи што ги објави американскиот претседател Доналд Трамп.
Француската „Ла Пост“ денес им се придружи на другите оператори, вклучувајќи ги германските „Дојче Пост“, шпанските „Кореос“, „Посте Италијане“ и белгиските, шведските и данските поштенски служби, кои ги запреа повеќето пратки насочени кон САД во текот на викендот.
Австриската „Österreichische Post“ и британската „Royal Mail“ објавија дека ќе престанат да прифаќаат пакети за испорака во САД.
Минатиот месец, Трамп потпиша извршна наредба со која на 29 август се укинува даночното ослободување кое дозволуваше мали пакети во вредност помала од 800 долари да влезат во САД без царина.
Според податоците на американската царина, минатата година вкупно 1,36 милијарди пакети биле испратени според таканареченото ослободување „de minimis“, што содржело стока во вредност од 64,6 милијарди долари, но таквите пакети сега ќе се соочат со царина од 15 проценти – иста стапка како и повеќето други увозни пратки од ЕУ.
Аналитичарите велат дека регулаторните промени, доколку се одржат, веројатно ќе имаат значително влијание, особено врз малите и средните европски компании кои извезуваат стоки со пониска вредност во САД.
Европската поштенска служба соопшти дека ќе продолжи да испраќа писма и пакети испратени од поединци што содржат подароци во вредност помала од 100 евра, но предупреди дека тие ќе бидат подложени на дополнителни проверки за да се спречи користењето на услугата за комерцијална стока.
Италијанската пошта, исто така, издаде соопштение во кое се вели дека била принудена привремено да престане да прима сите пратки што содржат стока наменета за САД.