По двете масовни престрелки со 17 убиени, српската полиција презела речиси 6.000 парчиња оружје

Во првите три дена од предавањето на нелегалното оружје, кое го повика Министерството за внатрешни работи на Србија по двете масовни престрелки со 17 убиени и 20 ранети, полицијата презела речиси 6.000 парчиња оружје и околу 300.000 парчиња муниција од различен калибар, објавуваат соседните медиуми.

Според соопштението на Министерството за внатрешни работи на Србија, предадени се 5.937 парчиња оружје, 290.572 парчиња муниција и 468 парчиња разни мини и експлозивни направи.

Предавањето на оружјето започна на 8. мај и ќе трае до 8. јуни откако МВР на Србија ги повика граѓаните да го предадат или да повикаат полиција да го собере нерегистрирано и нелегално оружје и експлозивни направи.

Во наведениот рок оружјето, муницијата и бомбите може да се предадат без последици или доказ за потеклото, а потоа се најавуваат ригорозни претреси, контроли и остри казни, вклучително и затворска казна.

Ќе продолжиме да земаме нелегално оружје, а потоа ќе анализираме се што е легално и за кое граѓаните имаат дозволи“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по првиот ден од кампањата. Тој претходно кажа дека во Србија ќе следи разоружување, со цел да се намали количината на оружје што законски ја поседуваат граѓаните, не сметајќи го ловечкото оружје, до 90 отсто.

Во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ минатата среда, на 3. мај, 13-годишен ученик со пиштолот на својот татко уби осум соученици и еден училишен чувар, а рани уште шест ученици и една наставничка, а само ден подоцна 21годишно младо момче застрела со автоматска пушка и пиштоли и уби осум, а повреди уште 14 лица во три села во општина Младеновац во Белград.

акцијаБелградоружјеСрбија