По вчерашните пишувања на дел од македонските медиуми за наводен договор помеѓу власта и опозицијата околу промената на Кривичниот законик со кои се намалуваат затворските казни за најтешките форми на корупција, поранешниот претседател на Владата на Република Македонија и екс-лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, се огласи со објава на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук и ги демантираше тврдењата.
Како по навика, Никола Груевски речиси редовно се огласува за актуелните случувања во државата со објави на социјалната мрежа Фејсбук од Будимпешта, Унгарија.
Така денес, тој напиша краток статус во кој вели:
„Партиите, директно или преку нивните Интернет ботови и нивните приврзоци во медиумите во Македонија во отсуство на конкретни дела, визија, понуда, проекти и решенија за проблемите на народот во Македонија редовно се препукуваат, и на секој два-три месеци им паѓа на памет спиновите да ги насочат кон мене во правец на некакви мои непринципиелни договарања со некого или нешто, заговори и слично, па веќе неколку години периодично се јавува потреба да ги демантирам, исто како што тоа го правам и сега во оваа прилика во која повторно го демантирам истото“, вели Никола Груевски во статусот.
Поранешниот премиер вели дека вакви измени во Кривичниот законик се говорат во јавноста одамна, според него околу четири-пет години. Според Никола Груевски, имало многу заинтересирани страни од различни политички провиниенции за измените на КЗ. да се изгласаат.
Екс-лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека овие промени на Кривичниот законик не одат многу во негова полза.
„Во мојот случај на прогон истите имаат минорно учество“, нагласува тој во објавата.
Тој исто така вели дека тој и неговите соработници од тогашната Влада на Република Македонија се гонети за несторени кривични дела:
„На тој прогон заднината е страв од конкуренција и желба за политичка елиминација и тоа се нарекува политички прогон. Тој прогон трае и до ден-денес и сеуште трае и расте стравот на многумина од неговото запирање или неуспех“, тврди Никола Груевски.
На крајот од неговата објава тој остави „мистериозна“ порака, која може да се разбере како еден вид закана кон некои луѓе од македонската политичка сцена:
„И имаат причина за страв!“, заклучува Никола Груевски.
За потсетување, Собранието претходниот ден успеа за два дена да ја помине процедурата за усвојување на измените на Кривичниот законик со кои се намалуваат затворските казни за најтешките форми на корупција. Со 48 гласа „За“, 36 „против“ и еден „воздржан“ беа усвоени измените на КЗ.
Законот се донесе со европско знаменце, во забрзана постапка, бидејќи, како што кажа претставникот на Владата на седницата, од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на Европската унија.
КОГА НИКОЛА ГРУЕВСКИ МОЖЕ ДА СЕ ВРАТИ ВО МАКЕДОНИЈА ?
Според ова, Никола Груевски нема да може веднаш да се врати од Унгарија и ќе треба да почека уште една година, за да застари пресудата за влијание врз Гордана Јанкулоска (поранешна министерка за внатрешни работи) незаконски да набави скап автомобил „Mercedes-Benz“ за него од парите на МВР.
Со намалувањето на казните за Злоупотреба на службената положба и овластувањата и за кривичното дело злосторничко здружување, за кои се обвинети или осудени поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои главниот актер е Никола Груевски, се ослободува веднаш од пресудата од девет години затвор во предметот „ТНТ“ каде од политичка одмазда го урива комплексот „Cosmos“, како и од обвинението за криминал со кинеските автопати, познато како „Траекторија”, велат лица запознаени со делата.