Европската комисија донесе одлука за тројно зголемување на хуманитарната помош за Појасот Газа. Извршната власт на ЕУ ќе ги зголеми хуманитарните средства за Појасот Газа од сегашните 25 на нови 75 милиони евра. Веста беше објавена во саботата по телефонскиот разговор меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, кои повикаа на воздржаност од Израел како одговор на нападот на Хамас, пренесува Politico.
Урсула фон дер Лајен и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, во петокот го посетија Израел за да им оддадат почит на жртвите од нападот кој однесе повеќе од 1.300 животи. Министрите за надворешни работи на ЕУ претходно оваа недела ја истакнаа потребата од израелска воздржаност и го осудија нападот на Хамас.
„Ние стоиме во целосна солидарност со израелскиот народ и со жртвите на терористичките напади. Трагичните сцени што се случуваат во Појасот Газа како резултат на опсадата и недостатокот на основни човечки потреби во комбинација со уништувањето предизвикуваат тревога во меѓународната заедница“, изјави првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел .
По една недела мешани пораки од ЕУ за кризата на Блискиот Исток, еврокомесарот одговорен за проширување најави дека ќе биде прекината сета помош за Палестина, за подоцна ЕУ да објасни дека помошта нема да биде суспендирана, туку ставена под преглед.
Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, исто така дава спротивставени информации од почетокот на војната, заземајќи покритичен став кон активностите на израелската Влада од Урсула фон дер Лајен или Роберта Мецола. Портпаролот на Европската комисија кажа дека цивилите мора да бидат предупредени за претстојните воени операции за да можат да си заминат.
„Ова го направи Израел, но нереално е милион луѓе да се иселат во рок од 24 часа“, кажа потпаролката одговарајќи на прашања за одговорот на ЕУ на кризата откако Израел повика на евакуација на повеќе од милион луѓе од северот Појасот Газа.
Неколку лидери на Европската унија го предупредија Израел да го почитува меѓународното право за време на неговиот одговор на нападот на Хамас. Белгискиот премиер Александар де Кро кажа дека Израел има право да се брани, но мора да го почитува меѓународното право, додека шпанскиот лидер Педро Санчез кажа дека евакуацијата на Палестинците од Појасот Газа не е поддржана од меѓународното право, повикувајќи на решение на конфликтот со две држави.