– По неколку дена откако Словенија беше погодена од најтешката природна катастрофа во својата историја, граѓаните со помош на државните служби работат на санирање на штетите, за што поскоро да се нормализира животот.
Срушени делови од патишта, оштетени станбени и деловни објекти, уништени автомобили сѐ уште се видливи во словенечките општини Назарје и Љубно, во покраината Штајерска.
Надојдените реки Дрета и Савиња на подрачјето на Назарје однесоа сѐ пред себе, а во санирањето на последиците од поројните поплави помагаат војската, цивилната заштита, пожарникарите и самите граѓани.
Јожеф Празик живее во близина на Назарје. Како што изјави за новинарот на Анадолу, поројната поплава го однела објектот на локалната автобуска постојка на неколку десетици метри од првобитната положба.
– Расчистувањето ќе трае со недели –
Како што изјави, поплавата во потполност на неколку дена го блокираше сообраќајот, штетите се огромни, а веќе пет дена се работи на санирање на штетите.
Катја Горјанц е припадник на доброволната противпожарна единица од Крањ, а со колегите дошла во Назарје да пружи помош на локалното население.
Според нејзините зборови, штетите се огромни и процесот на расчистување ќе трае со недели.
Екипата на Анадолу го сретна Исток Вртачиќ пред еден од угостителските објекти во Назарје, каде што работи на санирање на штетата предизвикана на опремата и инвентарот.
„Ова е проблем за цела Словенија, не само за нас. Доколку не успееме да добиеме помош од Брисел, не знам како ќе биде, бидејќи оштетени се и фабриките. Во оваа Савињска Долина, имаме 16 илјади луѓе и две фабрики што се оштетени. Доколку овие фабрики не го вратат производството, тогаш сите сме готови во оваа долина“, рече Вртачиќ.
– Две третини од територијата погодена од поплавите –
„Словенија се соочи со најтешката природна катастрофа во својата историја“, изјави претходно премиерот Роберт Голоб, откако разорните поплави предизвикаа штета што се проценува на половина милијарда евра.
Во разорните поплави што ја зафатија Словенија минатата недела загинаа шест лица, уништени се патишта, мостови и куќи. Зафатени се две третини од територијата на земјата.