По лебот, поскапува и храната – ама постепено, без да се прави паника во јавноста

Граѓаните речиси секој ден се затекнати од новите, за жал, се повисоки цени на пазарот. Од почетокот на неделава, граѓаните купуваат бел леб поскап за околу 10%. Од пексрската индустрија се праваат дека поскапело брашното на светските берзи, ама граѓаните веќе во ништо не веруваат. Последниве месеци бележиме значително зголемување на цените на основните животни намирници, особено на храната.

Агробизнис комората ја повикува Владата да интервенира и да помогне во ублажување на оваа економска криза. Претседателот на оваа комора, Горан Георгиевски, рече дека цената на пченицата треба да се субвенционира се додека не се преземат мерки за контрола на цените на основните производи. Тој рече дека овие цени ќе останат до жетвата на пченицата кај нас и дополнително ќе се одлучува според приносот на домашното производство.

„Воведувањето на ембаргото на ЕУ за купување жито од Русија и Белорусија се рефлектираше во зголемувањето на цените на светскиот пазар на пченица и како последица на тоа, трошоците за снабдување со жито за нас од земјите-посредници се зголемија. Зголемувањето на цената на лебот за 10% во малопродажба, значи дека е зголемен за 3 денари, односно од 33 сега векна леб чини 36 денари“, велат од Агробизнис Комора.

Цените на храната се зголемуваат трет месец по ред, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации. Во извештајот на ФАО се вели дека цените на житариците во мај се зголемиле за 6,3 отсто во споредба со април. Ова беше резултат на порастот на извозните цени на пченицата, како одраз на растечката загриженост за неповолните услови за посевите кои се со намалени приноси за оваа 2024 година, во клучните производствени области, вклучувајќи делови од Северна Америка, Европа и регионот на Црното Море, вклучувајќи ги Украина, Белорусија и Русија.

Инфлацијата во мај е зголемена за 4,5 отсто во однос на истиот месец лани. Во меѓувреме, цените на мало во истиот период се зголемени за 5,8 отсто. Споредено со април, инфлацијата во мај е повисока за 0,9 отсто, а цените на мало се зголемени за 1,3 отсто, објави Државниот завод за статистика. Во споредбениот период мај годинава и мај лани, најголем пораст на цените е забележан кај услугите и земјоделските производи. Од друга страна, прехранбените производи бележат пораст од 5,3 отсто, а индустриските производи за 4,7 отсто.

Како и да е, на крајот од денот, како и секогаш, сиот овој товар го понесуваат граѓаните на својот грб.