По нападот кај Харков, Зеленски бара од Бајден да дозволи американски напади врз Русија!

По руските напади во регионот Харков, Украина бара американскиот претседател Џо Бајден да ја укине забраната за употреба на американско оружје за напад на Русија. За тоа пишува американскиот весник Политико.

Група украински парламентарци оваа недела се во Вашингтон за да побараат поддршка од Конгресот. Целта на Украина е да ги нападне руските воени магацини со цел да ги попречи руските офанзивни операции. 

Украинските претставници, вклучително и шефот на фракцијата „Слуги на народот“, Дејвид Арахамија, изјавија дека „неколку недели гледале како Русите се концентрирале во близина на украинската граница, не можејќи да го користат оружјето доставено од САД за да извршат превентивен напад“.

Така Русија можеше да концентрира најмалку 30.000 војници и опрема на границата во близина на регионот Харков без страв од масовни ракетни напади. 

Двајца американски претставници изјавија за весникот дека политиката на администрацијата на Бајден не е променета.

– Помошта е наменета за одбранбени, а не офанзивни операции на руска територија –  изјави еден од соговорниците.

Уште тројца американски функционери сметаат дека целта на рускиот претседател Владимир Путин во оваа фаза е да постигне „преговори за поволни услови за Москва“ до крајот на оваа година. 

 

Да потсетиме дека за истото пишуваше и американскиот весник New York Times. Според весникот, со својата офанзива на границата на регионот Харков, Руската Федерација може да го зголеми притисокот врз украинските власти за почеток на преговори.

Претходно, американската амбасадорка во Украина, Бриџит Бринк, изјави дека САД не дозволуваат напади со своето оружје на руска територија.