По пожарот во Универзална, две женски лица однесени на Токсикологија

По пожарот што претпладнево изби во Универзалната сала, две женски лица биле однесени на Токсикологија, потврди за МИА професор доктор Нико Беќаровски од оваа клиника.

Класично повредени, нема. Има само две женски лица, на средни години, кои се донесени поради мала изложеност на гасови, од соседната зграда. Тие во моментот на настанот, излегле до балкон на кратко, отвориле врата. Станува збор за мала количина на гас. Лицата се добри, по неколкучасовна опсервација ќе бидат пуштени дома, појасни Беќаровски.

Командирот на скопската Бригада за противпожарна заштита Звонко Томески изјави дека уште не се познати причините за пожарот што претпладнево избувна во Универзалната сала во Скопје. Како што рече, причините дополнително ќе ги утврди полициската екипа. Тој напомена дека нема повредени затоа што во моментот немало градежни работи.

Томески рече дека за кратко време пожарот бил ставен под контрола иако имале висока температура во самиот објект. Како што посочи, вкупно интервенирале со девет противпожарни возила и 24 пожарникари.