Арина Сабаленка (25) го загуби финалето на УС Опен од Американката Коко Гауф (19) со 2:1 во сетови, а на социјалните мрежи се појави видео кое ја откри нејзината вистинска фрустрација и разочарување.
Тенисерката од Белорусија, која денеска стана нов број еден на ВТА листата, не ја покажа својата фрустрација на теренот, на доделувањето на наградите, туку нервозно реагираше во соблекувалната.
Сабаленка го извади рекетот од торбата и во налет на бес го скрши, па го фрли во корпа за отпадоци. Моментот беше снимен од камерите во соблекувалната, а подоцна стигна и на социјалните мрежи.
Ова предизвика цела полемика, а тенисерите се на мислење дека снимката требало да остане приватна.
“Оваа снимка никогаш не требаше да биде објавена во јавноста. Интимен момент во празна соблекувална, по разочарувањето од губењето на финалето на Грен слем”, напиша мајката на Енди Мареј, Џуди Мареј на платформата X.
На страната на белоруската тенисерка, која покажа неконтролиран гнев, застанаа многу експерти, но и обични обожаватели кои го разбираат нејзиното разочарување.