Во текот на вчерашниот ден, врз основа на судска наредба, по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје. Притоа беа одземени компјутери, компјутерски податоци и друга документација, кои ќе бидат предмет на анализа и вештачење.
Основното јавно обвинителство Скопје и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да преземаат дејствија во предистражна постапка, поведена врз основа на наводите во новинарски текстови на еден неделник поврзани со работата на Клиниката.
Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити изрази силна поддршка за акцијата на Обвинителството и полицијата на Клиниката за Онкологија.
– Како министер силно ги осудувам сите обиди или дејствија, на поединци или групи кои преку дискрециони овластувања и начини на носење на одлуки во сопствена корист, направиле ненадоместива штета врз здравјето и животот на пациентите, граѓаните и државата. Очекувам институциите да се произнесат брзо по однос на истрагата, кажа Меџити.