– Самитот на Европската Унија денеска почна со работен ручек со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на кој се разговараше за клучните геополитички прашања и глобалните предизвици.
На средбата посебно е потенцирана неопходноста од тесна соработка меѓу Обединетите нации и Европската Унија во однос на горливите прашања во светот.
Двете институции ја истакнаа важноста на соработката ЕУ-ОН во справувањето со итни глобални предизвици на нашето време и нивната заедничка посветеност на мултилатерализмот со Обединетите нации во неговата срж, и ги истражија можностите за поблиска соработка за мирен, праведен и одржлив свет.
Гутереш, при пристигнувањето на Самитот рече дека неговата посета доаѓа во клучен момент, кога имаме вистинска бура во многу земји во развој со комбинација на фактори кои доведуваат до драматични ситуации. – Во многу делови од светот има сè повеќе глад, сиромаштија, помалку образование, помалку здравствени услуги. А нашиот финансиски систем не дава одговор на проблемите. Тоа е огромен предизвик и ние сметаме на ЕУ да одговори на трансформациите кои се неопходни, рече тој.
Барањето на Гутереш до лидерите на ЕУ беше да се погрижат руските и белоруските ѓубрива да стигнат до земјите во развој и покрај санкциите против двете земји. Сепак, на ова се противи Литванија, која смета дека олеснувањето на санкциите за белоруското ѓубриво би било спас за Александар Лукашенко, белорускиот претседател. Литванија има поддршка од Полска, Естонија и Летонија, кои се убедени дека само санкциите против Русија и Белорусија можат да стават крај на војната во Украина.
Белоруските калиумови ѓубрива беа санкционирани во 2021 година, откако режимот на претседателот Александар Лукашенко принуди лет на Рајанер со опозициски новинар да слета во Минск и започна акција против неговите противници што продолжува до ден-денес.
На средбата со Гутереш се разговараше и за Црноморската иницијатива за жито.
Лидерите на ЕУ и генералниот секретар се фокусираа конкретно на финансирањето на развојот и повикаа на реформа на мултилатералните развојни банки со цел да се зајакне нивната улога во соочувањето со глобалните предизвици и побараа вниманието посебно да се насочи кон искоренување на сиромаштијата.
Европските лидери и генералниот секретар на ОН, исто така, ја истакнаа итноста за решавање на зголемениот јаз во финансирањето на хуманитарната помош и го поддржаа пристапот до нови и нетрадиционални хуманитарни донатори, вклучително и меѓународни финансиски институции, соопшти Советот на ЕУ.
Во соопштението, исто така, се наведува дека соочени со тројната планетарна криза на климатските промени, загадувањето и губењето на биолошката разновидност, лидерите и генералниот секретар ја истакнале итноста од зајакнување на глобалниот одговор преку забрзување на декарбонизацијата и промовирање решенија засновани на природата.
Тие ги повикаа сите страни, особено големите економии, навреме да ги разгледаат и зајакнат своите Национално определени придонеси за COP28 во Дубаи во ноември.
Тие укажаа и на значајната политичка, финансиска и материјална поддршка на Европската Унија и нејзините земји-членки на системот на Обединетите нации.
Лидерите ја истакнаа потребата од модернизација на Обединетите нации преку воведување реформи во глобалното владеење.
Советот во соопштението додава дека сите 27 лидери се решени да се справат со глобалното влијание на руската агресија и го повторија барањето Руската Федерација веднаш, целосно и безусловно да ги повлече сите свои воени сили од територијата на Украина во нејзините меѓународно признати граници.