Полицијата во Косово денес го уапси 38-годишниот Алил Демири кој е еден од обвинетите за петкратното крваво убиство кај Смилковско Езеро.
Алил Демири беше баран со меѓународна потерница издадена од Министерството за внатрешни работи за сторено кривично дело „Тероризам“.
МВР во соработка со полицијата на Република Косово објави соопшти:
„Денеска (24.08.2023) полицијата на Република Косово, во соработка со македонската полиција, во Косово го лиши од слобода Алил Демири (38 г.) врз основа на издадена меѓународна потерница од МВР на РСМ, баран врз основа на наредба на Oсновниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело ‘Тероризам‘ предвидено по член 394 од Кривичен закон, во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смиљковското езеро. Тој, според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија“.
За петкратното грозоморно убиство кај Смилковско езеро на 12. април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.