За првпат од 1961 година, тепихот на Оскарите нема да биде црвен. Како што пренесуваат странските медиуми, во средата пред „Театарот Долби“ во Холивуд работниците кои се подготвувале за овогодинешното доделување на Оскарите расвиткале тепих во боја на шампањ, а водителот на 95. Оскари, Џими Кимел, разговарал со новинарите.
– Мислам дека одлуката наместо црвен тепих да се стави тепих во боја на шампањ покажува оти сме сигурни дека нема да се пролее крв – се пошегува Кимел.
Одлуката за промена на бојата ја донеле креативните консултанти Лиза Лав, долгогодишна соработничка на Вог и Раул Авила, креативен директор на гламурозната Мет Гала во Њујорк. Годинава тепихот ќе биде делумно покриен за да се заштитат ѕвездите и камерите од временските неприлики, но и пристигнувањата да се претворат во вечерен настан.
Црвениот тепих на Оскарите датира од 1961 година, кога се одржа 33-тото доделување на наградите во Civic Auditorium во Санта Моника, а пошироката јавност не го виде црвениот тепих во полн сјај на телевизија до 1966 година, кога Оскарите беа емитувани во боја за првпат.
За потсетување, Оскарите годинава започнуваат во понеделник во 2 часот по европско време, односно во 20 часот по локално време во Лос Анџелес.