Православна црква ги отвори вратите за преживеаните во Мерсин

Црквата ги повика сите свои членови да им помогнат на настраданите по разорниот земјотрес што погоди 10 градови во Туркије.

Православната црква во турскиот град Мерсин ги отвори вратите за преживеаните од земјотресот на југот на Туркије, обезбедувајќи им сместување и храна.

Поминаа седум дена од силниот земјотрес, со епицентар во турскиот град Кахраманмараш, кој ја опустоши јужна Туркије и северните делови на Сирија. Хуманитарните и други организации се обидуваат на секој начин да им помогнат на оние кои успеаја да ја преживеат невидената катастрофа.

Хуман гест дојде и од црквата во Мерсин, која припаѓа на Грчката православна црква отворајќи ги вратите за луѓето погодени од земјотресот. Црковните лица им излегоа во пресрет на потребите за сместување и храна.

Црквата ги повика сите свои членови да им помогнат на настраданите по разорниот земјотрес што погоди 10 градови во Туркије.

Во рамките на преземените активности, во внатрешноста на црквата беше направен дел за сместување, а беа собрани основните потреби како храна, облека и средства за чистење.

Црквата, под координација на Канцеларијата на гувернерот на Мерсин, почна да прифаќа жртви од земјотресот.

Свештеникот Чоскун Тејмур изјави дека ги отвориле вратите за сите и ги мобилизирале сите нивни ресурси, како и дека црквата обезбедува три оброци на ден.

Тејмур изјави дека жртвите од земјотресот биле сместени во црквата два-три дена, а потоа биле упатени во домовите на членовите на заедницата на места кои за таа цел ги доделиле институции и организации.

„Хуманитарна организација изнајми хотел со 100 соби, кој моментално е преполн. Некои од членовите на нашата заедница ги испратија клучевите од своите куќички“, објасни Тејмур.

Иса Синемли, 22-годишен преживеан од земјотресот од областа Самандаг во Хатај, се заблагодари на црквата за поддршката во овие тешки моменти.

TRT Balkan