Обвинителството објави нови детали за тоа како е убиен фризерот од Велес Панче Жежовски. Во соопштението на Обвинителството се наведува дека четворица осомничени на 22 ноември по претходен договор го киднапирале Панче Жежовски од неговиот дом во Велес.
Целта била да го принудат да им го даде автомобилот „цитроен“ за со него да ја киднапираат Вања Ѓорчевска, а потоа го убиле кај селото Рудник и го закопале во јама.
,,Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле до село Рудник, каде што бил застрелан од еден од осомничените“, соопшти обвинителството.
Министерот за надворешни работи Спасовски потврди дека убиството на Велешанецот е извршено надвор од неговата куќа и посочи дека МВР ќе ги испита сите детали и индиции доколку има вмешаност на повеќе лица во убиствата.
„Надвор е убиен, не дома“, рече Спасовски на прес – конференцијата.
Исчезнувањето на Жежовски во МВР го пријавила неговата ќерка, два дена откако бил киднапиран и убиен, но таа не го пријавила отсуството на неговиот автомобил цитроен, кој подоцна бил пронајден во селото Бразда, каде било пронајдено и телото на Вања Ѓорчевска. Од истрагата на обвинителството и МВР, како и според изјавите на осомничените, Љупчо Палевски е осомничен како лице кое ги уби Панче и Вања.