Прва жртва во невремето во Словенија: Телото го однесе поплавата, полицијата немоќна, не може ни да се приближи поради нескротливите порои (ФОТО)

Едно лице загина во поплавите во Камник на северот на Словенија за време на невремето што преку ноќта зафати одредени делови од земјата.

Порталот Камник.инфо наведува дека водата однела постар жител во атарот на населбата Бистричице. Полицијата соопшти дека пред куќа во месноста Камник било пронајдено тело на локалец, но поради поплави не можел да излезе надвор.

Силниот дожд предизвика големи поплави во повеќе делови на Словенија, додека Агенцијата за животна средина (АРЅО) алармот го крена на највисоко ниво бидејќи се очекуваат нови врнежи и поплави. Податоците на АРЅО покажуваат дека во делови од Словенија веќе наврнале над 100 милиметри дожд за 24 часа, што е просечната месечна количина на врнежи. Според прогнозата, во сабота ќе продолжи да врне дожд и црвено предупредување е издадено за повеќе делови од земјава бидејќи реките во некои населени места се веќе излеани.

Во Коменда, северно од Љубљана, поради поплавите беше прогласена вонредна состојба, а од луѓето беше побарано да не ги напуштаат своите домови во Камник, каде што се затворени сите градинки бидејќи патиштата се блокирани, пренесе агенцијата ЅТА.

Луѓето мораа да бидат евакуирани од неколку делови на земјата, вклучувајќи ја долината Личница во општина Медводе северозападно од Љубљана.

Врнежите предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето и во северозападниот регион Горење.

Најлоша е состојбата во областа Шкофје Лока во долините Селц и Пољана, кои се отсечени од светот поради поплавените патишта. Во поширокото подрачје на Шкофје Лока поплавени се станбени, деловни и други објекти, а одрони им се закануваат на куќи и патишта.

Поплавите и свлечиштата блокираа и неколку патишта во западниот град Идрија, каде што луѓето се повикуваат да не ги напуштаат своите домови доколку не е апсолутно неопходно.

Дирекцијата за цивилна заштита и помош при катастрофи забележа повеќе од 1.000 инциденти поврзани со временските услови во рок од 12 часа низ Словенија, додека околу 170 противпожарни единици моментално се на терен.

Во текот на ноќта пожарникарите испумпувале вода од поплавените згради, ги спасувале поплавените возила, ги отстранувале остатоците од под мостовите и обезбедувале одрони.

Луѓето беа евакуирани од најмалку три кампови. Куќи беа поплавени, а патиштата беа блокирани во други делови на Словенија, вклучувајќи ги и регионите Толмин и Корушка.

Најобилни врнежи се забележани од четвртокот од 16 часот до четири часот утринава на метеоролошките станици Пасја Раван северозападно од Љубљана со 182,7 милиметри на метар квадратен и Вогел и Рудно Поље на Алпите со над 170 милиметри.

Повеќе од 150 милиметри дожд е забележан на аеродромот во Љубљана.