Операцијата е успешно изведена кај млада пациентка која имаше тумор блиску до центрите за говор и движење на десната рака и нога.
На Клиниката за неврохирургија во комплексот „Мајка тереза“ во Скопје денеска е изведена ПРВАТА операција „awake brain surgery“ воопшто во историјата на неврохирургијата во Македонија.
Тимот специјалисти предводен од д-р Венко Филипче со тимот анестезиолози предводен од д-р Весна Дурнев и соработката со д-р Игор Лазиќ од Клиниката за неврохирургија во Белград се лекарите кои учествуваат во изведбата на оваа прва успешна операција во Македонија од ваков вид.
Предноста на „аwake brain surgery“ (операција на буден мозок) е поради неопходната соработка која хирургот ја има со пациентот додека трае операцијата.
За да се отстрани максимална количина на тумор без да се оштетат центрите за говор и движење хирургот комуницира со пациентот. Мозочното ткиво не содржи рецептори за болка, па самиот тек на операцијата е безболен.
– „Кај нашата млада пациентка операцијата помина одлично. Туморот е изваден до максималните можни граници и пациентката се осеќа добро“ – оцени д-р Филипче.
– „За прв пат во историјата на неврохирургијата во нашата држава, направивме awake brain surgery. Им честитам на тимот анестезиолози предводен од д-р Весна Дурнев и упатувам благодарност до колегата д-р Игор Лазиќ од Клиниката за неврохирургија во Белград. Драго ми е што моите млади колеги имаа голем интерес и желба да бидат повторно мој верен тим во операционата сала“ – напиша д-р Филипче на социјалните мрежи.