Претседателот на Русија долго време е главна тема на американскиот естаблишмент и е составен дел од нивната внатрешна политичка реторика, порача денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Русија ги смета за неприфатливи зборовите на американскиот претседател Џо Бајден, кој ја изедначи политиката на рускиот претседател Владимир Путин и постапките на Хамас“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Имено, Џо Бајден ја спореди организацијата Хамас со рускиот претседател Владимир Путин, тврдејќи дека иако тоа се различни закани, и Хамас и Владимир Путин би сакале да ја срушат демократијата.
„Јасно е дека ова е многу опасен момент во меѓународната ситуација, вклучително и војната на Блискиот Исток. Таквата реторика не им одговара на светските лидери. Ние не прифаќаме таков тон кон Руската Федерација и кон нашиот претседател“, вели Димитриј Песков, одговарајќи на новинарско прашање како Кремљ реагира на последниот говор на американскиот претседател.
Димитриј Песков додаде дека рускиот претседател Владимир Путин долго време е главна тема на американскиот естаблишмент.
„Името на Владимир Путин е составен дел од внатрешниот политички живот на САД“, заклучи Димитриј Песков.