– Првиот конвој камиони со помош влезе во Појасот Газа од египетска страна преку преминот Рафах, соопшти Црвената полумесечина.
Првиот конвој со помош, кој се состои од вкупно 20 шлепери, го мина граничниот премин Рафах, соопштија за Анадолу од Црвената полумесечина.
Во меѓувреме, дописникот на Анадолу објави дека хуманитарната помош се префрлува од египетските камиони во палестински камиони.
Газа преживува тешка хуманитарна криза. Овој регион е без струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.
Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа. Оваа операција доби димензии на неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви, но и болници.
Според податоците на палестинското Министерство за здравство, бројката на загинати во Газа во текот на израелските бомбардирања се зголеми на 4.137, а ранети се 13.300, додека над 1.000 лица се водат за исчезнати.
Во нападите од Газа врз Израел загинаа повеќе од 1.400 лица