Првиот човек на кинескиот фудбал уапсен поради корупција

Претседателот на Фудбалската федерација на Кина, Чен Ксујуан, е уапсен под обвинение за корупција, соопштија денеска властите во Пекинг без да изнесат повеќе детали за случајот.

Одделот на кинеската Комунистичка партија задолжен за борба против корупција само штуро соопшти дека Чен е ставен под истрага на националните и спортските институции во провинцијата Хубеи.

Чен е претседател на Фудбалската федерација на Кина и потпретседател на нејзиниот партиски комитет што јасно ги илустрира напорите на властите во Пекинг да влијаат врз напредокот и успесите на кинескиот фудбал.

Меѓутоа, Чен не забележа поголеми успеси на чело на Федерацијата, а Кина својот единствен пласман на Светско првенство го забележа пред речиси 20 години.

Кинескиот претседател и лидер на Комунистичката партија, Си Џипинг постави за цел Кина да стане фудбалска велесила, но големите суми пари вложени во ангажирање звучни меѓународни фудбалери во кинеското првенство не донесеа резултат.