Првиот човек на Светска банка: Обновата на украинската економија ќе чини 411 милијарди долари

Светска банка е подготвена да го направи својот дел во обновата на Украина, по уништувањето во руската инвазија, но меѓународните финансиски институции не можат сами да ја обезбедат целата сума, затоа треба да се вклучат и западноевропските земји, изјави синоќа претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас.

Говорејќи на пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка, Малпас истакна дека Светската банка одигра голема улога во обновата на европската челична индустрија по Втората светска војна и дека може да игра слична улога и во Украина .

-Уништувањето е застрашувачко, рече тој, цитирајќи ја неодамнешната проценка дека обновата на украинската економија ќе чини 411 милијарди долари, или 2,6 пати повеќе од очекуваниот бруто домашен производ (БДП) на Украина во 2022 година.

Оваа сума, која ја пресметаа Светската банка, Обединетите нации, Европската комисија и Украина, е значително повисока од проценката од 349 милијарди долари, објавена во септември минатата година.

Вкупните обврски на Светска банка во 2022 година изнесуваат 75 милијарди долари, што е за 50 отсто повеќе од просекот.

-Европската унија има големи ресурси што би можеле да бидат вклучени, рече Малпас и додаде дека „банката е подготвена да ја одигра својата улога во реконструкцијата, но сумата за реконструкција на електроенергетскиот, патниот и железничкиот сектор е многу поголема во споредба со билансите на меѓународните финансиски институции“.

Американската министерка за финансии Џенет Јелен вчера  повтори дека Вашингтон ќе ја поддржува Украина се додека е потребно. Таа рече дека поддршката од САД и Европската унија ќе биде доволна за Украина до крајот на годината, но ако војната продолжи, Вашингтон ќе мора да работи со партнерите за да обезбеди дополнителна поддршка.