Најмалку едно лице загина, а 30 се повредени, од кои многу потешко, кога патнички воз со околу 50 патници излета од шините рано утринава во Холандија откако удрил во градежен кран на пругата, соопшти холандската служба за итни случаи.
Спасувачките екипи се на местото на несреќата во Воршотен, село во близина на Хаг , соопштија холандските власти, пренесе Ројтерс.
Од противпожарната служба и итната помош за холандското радио изјавиле дека 19 лица се пренесени во болница, а на останатите им била укажана помош на лице место, пишува Танјуг, а пренесуваат медиумите.
Првиот вагон на ноќниот воз од градот Лајден за Хаг излета од шините по судирот и налета во поле, јави холандската новинска агенција АНП.
Според информациите, вториот вагон се превртел на страна, а во последниот вагон избувнал пожар, но тој брзо бил изгаснат.
Засега нема прецизни извештаи за причината за несреќата, а според некои од нив, во инцидентот учествувал товарен воз кој удрил и во градежен кран, јавува Ројтерс.
Холандските железници објавија на Твитер дека возовите меѓу Лајден и делови од Хаг се откажани поради несреќата.