Првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панча Жежовски, Љупчо Палевски Палчо , е донесен на распит во скопското обвинителство, пишува „Скопје1“.
Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска првпат ќе го сослуша, откако беше екстрадиран од Турција, каде беше во бегство. Тој е во обвинителството повеќе од еден час.
Палевски веќе кажа дека нема да се брани со молчење, а кога беше изведен на суд покажа дека има докази дека не е виновен за убиствата. Тој негираше каква било поврзаност, иако изјавите на осомничените и доказите што ги имаат во Обвинителството зборуваат поинаку.
Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски веќе се обвинети за две кривични дела убиство и киднапирање. За помагање се гони и Александар Ѓорески, таткото на убиената Вања.
Обвинението се заснова на усни и материјални докази за дејствијата на обвинетите, но бидејќи продолжува постапката против првоосомничениот, кој неодамна беше екстрадиран од Република Турција, Јавното обвинителство не може да соопштува детали за доказите.
Да потсетиме, 14-годишната Вања беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а Панче од Велес на 24 ноември. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември. Во врска со двата случаи осомничени се пет лица, од кои тројца (Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски) ја признаа вината.