Прегрупирање на независните-ќе формираат партии пред избори

Независните граѓански иницијативи преку формирање партии прават пат за учество на локалните избори во Македонија. По повеќе од една година правна и политичка битка за да се издејствува понизок праг за кандидирање на изборите, од Шанса за Центар, Независни За Карпош – За Заштита На Карпош, Зелените Од Гази Баба, како и граѓански активисти од повеќе скопски општини и други градови, формално регистрираа заедничка платформа со која велат дека ќе се борат против желбата на партиите да ги истиснат независните граѓански иницијативи од изборниот процес.

„Секој граѓанин има право да гласа за претставници кои навистина ги застапуваат неговите потреби. Остануваме отворени и за други иницијативи од целата држава“, порачаа од Шанса за Центар.

Платформата што ќе ја основаат формално мора да биде регистрирана како партија, за што ја бараат поддршката на граѓаните. „Законот дозволува потпис само за една опција, па затоа информираме дека потпис за нашата заедничка граѓанска платформа и потпис за која било друга нова партија, вклучително и на Зелен хуман град, не може да се даде истовремено. Ќе мора да се направи изборот за тоа каде ја гледате вистинската граѓанска алтернатива во моментов“, велат од Шанса за Центар.

Кон оваа платформа нема да се приклучи и Хуман зелен град, којшто најави дека самостојно ќе се регистрираат како партија и ќе настапат одделно на изборите.

„Секој граѓанин има право да гласа за претставници кои навистина ги застапуваат неговите потреби. Остануваме отворени и за други иницијативи од целата држава“, порачаа од Шанса за ЦентарФотографија: Jana Belceva-Andreevska/DW

„Или ќе формираме партија или ќе кренеме бело знаменце“

Од Зелен хуман град го најавија формирањето на првата партија во Македонија сочинета од активисти кои со години волонтирале за општо добро во сферите заштита на животна средина и заштита на животни. „Таа  претставува само техничко средство за наше излегување на избори. Делувањето на ЗХГ останува идентично како и до сега – хоризонтално и отворено“, велат од ЗХГ, зад кој стојат активистите и независни советници во Советот на Град Скопје, Горјан Јовановски и Драгана Велковска.

„Принудени сме на овој чекор бидејќи власта и опозицијата во Собранието здружено одлучија да го срушат Уставот, да ја игнорираат одлуката на Уставниот суд од 20 мај 2025 година и не само што предложија измени на Изборниот законик што се противуставни и спротивни на препораките на ОБСЕ и ОДИХР и Венецијанската комисија, на едвај две недели пред распишување на изборите не постои никаков закон, а со тоа и никаква можност да се кандидираме на претстојните избори како независни кандидати“, велат тие.

Според ЗХГ исправени се пред одлука: или да формираат партија или да кренат бело знаменце и да ја прекинат борбата

„Сè ќе направат за да нè снема. Менуваа Изборен законик во 2021 за да мора да собираме 10.000 потписи да добиеме право да се кандидираме за Совет на Град Скопје – не им успеа. Истото го направија во 2024 – ни тоа не им успеа. Затоа сега партиите што 30+ години ја парчосуваат Македонија решија дека независните веќе не може да се кандидираат на избори“, велат од иницијативата.

На независните ќе им бидат потребни 1.000 потписи за да формираат партија со која што ќе можат да учествуваат на претстојните локални избори.

Независните можат на избори и без потписи?

Откако Уставниот суд во март ги укина одредбите со кои големите партии им го зголемија бројот на потписи на независните за да се кандидираат на избори, тие се најдоа во небрано. Правниот вакуум кој се создаде тие го толкуваат како сопка за нивно учество на изборите во октомври. 

Професорот по уставно право и политички систем Денис Прешова, во интервју за „Призма“ деновиве посочи дека во ваков правен вакуум извесно е дека граѓанските иницијативи може да имаат кандидати и без да собираат потписи.

„Независни листи имаат законско право, предвидено со посебна законска одредба од член 60 од Изборниот законик, да поднесуваат листи на кандидати, но одредбите кои ги регулираат условите во делот на потребните потписи се укинати, така што, тие во овој момент не се предвидени и регулирани. Ова значи дека во согласност со постојната законска рамка и со ваквата законска празнина овие групи на избирачи, независните листи, можат да поднесат листи на кандидати без да собираат потписи, бидејќи Изборниот законик сега не предвидува колкав број или процент на потписи е потребен за поднесување листа на кандидати, дали за пратеници, или пак, за членови на совет“, вели Прешова.

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) побара веднаш да се отпочне постапка за измена на Изборниот законик и да се обезбеди еднаква, фер и демократска можност за учество на независни и граѓански листи на локалните избори во 2025 година.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на брифинг со новинарите деновиве порача дека прашањето за учеството на независните кандидати на претстојните локални избори ќе мора да се реши, но ни самиот не знае како и кога би се согласиле парламентарните партии да го донесат законот. Тој потенцираше дека ова прашање ако не се реши до одморите, ќе мора по одморите кон крајот на август.