Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, смета дека поставувањето крст на Попова Шапка е „предизборна игра“ која, вели, најверојатно е договорена помеѓу „националистички сили кои се обидуваат да ги злоупотребат верата и верските чувства во предизборен натпревар“ и да предизвикаат меѓуетнички и меѓуверски тензии.
Бујар Османи ја прозва опозициската партија БЕСА која, како што вели, во отсуство на капацитет да понуди подобар живот на граѓаните „влегла во таков аранжман со националистичките сили“.
„Затоа доминантна тема е Бугарија и ризикот од Бугарија, има одредена албанофобија и обид да се наметне од страна на македонски политички партии и сега овој договор, најверојатно договорен настап помеѓу БЕСА, која во отсуство на капацитет да понуди подобар живот на граѓаните влегла во таков аранжман со националистичките сили од двете страни, со цел да предизвика тензија и денеска да ме прашувате што мислам јас за крстот, па јас заради мојот електорат да кажам нешто што ќе ги провоцира верниците Македонци и така да почне циклус на меѓусебни обвинувања и тензии. Тоа е целта. Нема чесна намера во овој аранжман кој е срамен за државата. Наместо да најдеме начин како да ги отвориме поглавјата, ние влегуваме во тие теми“, порача Бујар Османи одговарајќи на новинарски прашања.
Првиот човек на дипломатијата ги нарече „неодговорни политичари“ кои се обидуваат во нивната политичка кампања да ги злоупотребат верските емоции на граѓаните „кои се најдлабоки чувства“.
„Нив треба да ги изложиме пред јавноста со име и презиме, сите тие што се договарале во двата блока за да предизвикаат верска и етничка нетрпеливост за да добијат политички поен повеќе. Се друго е секундарно“, нагласува Бујар Османи.
Нему, како што вели, не му пречи ниту еден религиски симбол, но доколку се ставени со цел да бидат искористени во создавање тензии во предизборен период, и додава дека – „тоа најмногу му штети на самиот крст и на верниците кои го почитуваат тој верски симбол“.